Со години ја гледавме како водителка со заразна насмевка и беспрекорна енергија, но зад камерите, Нина Ред минувала низ тивки борби што ретко ги споделувала. Денес, таа реши отворено да зборува за нив – преку својот прв личен проект, поткастот „RESET“, посветен на менталното здравје и човечките приказни што често остануваат зад затворени врати.
„Низ општи разговори со луѓето сфатив колку очајно ни треба простор каде ќе можеме да сме целосно свои и пред сѐ, природни со чувствата на маса. Сакав да им помогнам на сите, а се чувствував немоќна. Тоа беше првиот порив во мене дека треба нешто да преземам“ – искрено раскажува Нина за Фемина, за идејата што ја родила платформата „RESET“.
Клучниот момент што ја поттикнал да го направи првиот чекор бил едно утро кое ќе го памети засекогаш, кога добила информација дека младо момче си го одзело животот:
„Не го познавав, но некако многу чудно, тоа ми беше некаков Божји знак. Си реков ‘јас ова морам да го направам’ и по толку време, еве го RESET“ – се присетува таа.
Признава дека не ѝ било лесно да се отвори и да го изнесе овој проект, особено бидејќи и самата е многу емотивна личност и поминала низ тешки периоди.
Нина
„Секако дека сум поминала низ некои животни предизвици, инаку не би можела да се сочувствувам со луѓето. Имав ниска самодоверба, депресивни мисли, ништо не ми одеше од рака. Имаше и такви денови кои ги поминував само во кревет без апетит за храна, без грам чувство за среќа. Го сакав сето ова што денеска го живеам, ама не знаев како. Бев толку заглавена еден период од животот и тоа толку се одрази на физичкото здравје што многу, ама многу, ослабнав. Тој период го паметам како многу болен и трауматичен.“
Иако за многумина изгледа самоуверена и храбра, Нина вели дека не е лесно да зборува на вакви теми, особено кога дел од болката сè уште живее во неа:
„Не значи дека ако сум почнала поткаст за ментално здравје, дека сум надминала сѐ и знам сѐ. Не, и јас една од сите вас. Со ова, само ви покажувам дека и покрај сето тоа, одам и се соочувам лице в лице со животот и растам со вас. Така што, тек ќе се отвораме заедно.“
Кога им открила на блиските дека сака јавно да зборува за менталното здравје, наишла на поделени реакции – поддршка, но и доза на скепса:
„Имав поддршка, едногласно беше дека е многу потребно да го има, но истовремено пак, ја почувствував и недовербата. Во смисла, како тоа ќе изгледа, да не случајно биде некултурно итн, но ги разбирам сите. За сѐ треба време и ќе си го дадеме едни на други. Можам само да ветам дека ќе биде природен поткаст, отворен и пријатен за слушање. Ќе учиме нешто ново, бидејќи ништо не знаеме.“
Иако има само три објавени епизоди, „RESET“ веќе побудува емпатични реакции кај публиката. Луѓето ѝ пишуваат, ја поддржуваат, а некои дури и сами се пријавуваат за да ја раскажат својата приказна.
„Дај Боже, ако успее овој поткаст да смени нечиј живот, за еден живот зборувам, јас ќе бидам најсреќната личност на светот. Дотогаш здравје, ќе посведочиме сите заедно.“
Досега низ нејзиното студио поминаа писателката Ксенија Николова и стилистот Октај Сејди, кои, како што вели, буквално заборавиле дека се пред камери:
„Она што ми го кажуваат гостите досега е дека забораваат дека се пред камери, на поткаст и тоа е она што ме радува навистина. За момент ги заборавиле сите улоги кои ги имаат, оставиле сѐ настрана и уживале во сегашниот момент. Она што би сакала да понесат со себе откако ќе имаат искуство со „RESET“ е лекцијата – овде сум виден/а, слушнат/а и сакан/а. Овде моите чувства имаат смисла и ќе притиснам отпочеток за СЕБЕ. Толку.“
За суштината на поткастот, Нина е искрена и јасна:
Нина
„’Сѐ започнува од тебе’ и ‘Знам дека ништо не знам’ се слоганите на „RESET“. Поткастот претставува длабоки чувства, емпатија и топла прегратка. Точно е дека сите сме поминале низ нешто, но време е да преземеме конкретни чекори за да ги надминеме траумите. Јас не сум компетентна за тоа како треба, но затоа има стручни лица и животни приказни кои ќе ни помогнат да го освестиме умот, душата и телото. Сите ние заслужуваме да живееме здрав и исполнет живот.“
Реално, во денешниот брз свет луѓето сè поретко зборуваат за она што навистина ги допира и боли, па затоа „RESET“ е простор за храброст, искреност и нов почеток.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
