Почетна » Новости » Актуелно » Д-р Адријана Угриноска Пандева за новата иницијатива на Клиниката „Козле“: Испитување на дишењето во сон на деца со Даунов синдром

Д-р Адријана Угриноска Пандева за новата иницијатива на Клиниката „Козле“: Испитување на дишењето во сон на деца со Даунов синдром

На Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата – Козле, тимот на доктори секојдневно се соочува со најразлични предизвици во однос на детското здравје. Но, во последниве години, сè почесто алармираат на една помалку видлива, а многу значајна состојба – нарушеното дишење во спиењето.

Д-р Адријана Угриноска Пандева, педијатар во угледната установа, повеќе од една деценија е посветена на третманот и следењето на деца со хронични респираторни заболувања. Изминативе три години, активно се занимава со дијагностика на нарушено дишење во спиењето и примена на кардиореспираторна полиграфија – современа, неинвазивна метода што овозможува детекција на опструктивна ноќна апнеа. Со желба да се помогне на најранливите категории, докторката и нејзиниот тим започнаа иницијативата за испитување на дишењето во сон кај деца со Даунов синдром. Оваа група деца, објаснува таа, има значително поголем ризик за појава на апнеа, која доколку не се открие навреме, може да влијае врз растот, концентрацијата и општото здравје на детето.

Во разговор за Фемина, д-р Угриноска Пандева зборува за знаците на нарушен сон кај децата, ризичните групи, важноста на раната дијагноза и придобивките од современите методи за следење на дишењето во сон.

Иницијатива на Козле за еца со Даунов синдром

Кои се најчестите знаци што родителите треба да ги забележат и кои можат да укажат дека нивното дете има проблем со спиењето?

Апнеата може да влијае на растот, развојот, вниманието и учењето на детето
Д-р Угриноска Пандева

- Најважно е родителите да обрнат внимание ако детето: ’рчи постојано и гласно; има паузи во дишењето или дише како да „се бори за воздух“; спие немирно и често се врти; дише со отворена уста; наутро е поспано, раздразливо или има тешкотии со концентрацијата.

Овие симптоми не треба да се игнорираат, бидејќи апнеата може да влијае на растот, развојот, вниманието и учењето на детето.

Кои деца се со зголемен ризик за нарушено дишење во спиењето?

- Ризикот е поголем кај деца со зголемени крајници и аденоиди, деца со прекумерна телесна тежина, деца со малформации на лицевиот скелет, деца со синдромски заболувања (Даунов синдром, Prader–Willi синдром и др.), како и деца со невромускулни заболувања.

Иницијатива на Козле за еца со Даунов синдром

Колку е честа појавата на опструктивна ноќна апнеа кај децата со Даунов синдром и зошто токму тие се повеќе изложени на ризик?

- Кај децата со Даунов синдром, опструктивната ноќна апнеа е значително почеста отколку во општата популација – проценките во литературата покажуваат дека повеќе од 50% од нив имаат некаков степен на нарушено дишење во сон.

Причината е комбинација од анатомски и функционални фактори: потесни дишни патишта, намален мускулен тонус, поголем јазик во однос на големината на устата, како и присуство на зголемени крајници и склоност кон зголемена телесна тежина. Сето тоа го прави дишењето потешко, особено во лежечка положба и за време на спиењето.

Она што е особено важно да се нагласи е дека симптомите кај овие деца често не се типични. Многу често тие не ’рчат гласно или не покажуваат класични паузи во дишењето, па состојбата може лесно да помине незабележано. Родителите можат да забележат, на пример, дека детето е поспано во текот на денот, има потешкотии со будење, изгледа уморно или е раздразливо без очигледна причина. Затоа, препорачуваме објективно испитување со полиграфија, дури и кога симптомите се благи или нејасни.

Што би им порачале на родителите на децата со Даунов синдром кога станува збор за следење на нивниот сон и здравје?

- Да ги набљудуваат своите деца – секоја промена во дишењето за време на спиењето вреди да се спомне на лекар. Децата со Даунов синдром имаат свои предизвици, но и огромен потенцијал. Со навремена дијагноза и соодветна грижа, можеме да им овозможиме спокоен сон, а со тоа и подобро секојдневие.

Иницијатива на Козле за еца со Даунов синдром

Што точно подразбира испитувањето во спиење или кардиореспираторната полиграфија?

- Кардиореспираторната полиграфија е неинвазивно испитување кое го следи дишењето на детето додека спие. Со специјални сензори поставени на телото, ги мериме движењата на градниот кош и стомакот, протокот на воздух низ носот, нивото на кислород во крвта и срцевата фреквенција. Целта е да утврдиме дали за време на спиењето доаѓа до паузи во дишењето — состојба позната како опструктивна ноќна апнеа. Испитувањето ни помага навреме да ја откриеме оваа состојба и да планираме соодветен третман.

Како изгледа самата процедура – колку трае, дали детето чувствува непријатност и што точно се следи во текот на ноќта?

- Испитувањето се изведува во текот на една ноќ, во пријатна и смирена средина, во придружба на родител. Детето носи мали сензори на носот, градниот кош и прстот, кои не се болни ниту ја нарушуваат неговата безбедност. Се следи протокот на воздух, дишењето, срцевата работа и заситеноста со кислород. Процедурата е целосно безболна и се прифаќа многу добро, дури и кај помали деца.

Кога може да се очекуваат првите резултати и какви понатамошни чекори следуваат доколку кај некое дете се утврди апнеа?

Секое дете се третира со посебен пристап
Д-р Угриноска Пандева

- Резултатите се добиваат по обработка на податоците, обично во рок од неколку дена. Врз основа на наодот, се прави индивидуален план: кај некои деца се препорачуваат лекови, кај некои хируршко отстранување на крајниците, кај други — контрола на телесната тежина, позиционирање во сон или дополнителни специјалистички прегледи. Секое дете се третира со посебен пристап.

Иницијатива на Козле за еца со Даунов синдром

Кои се придобивките од навременото откривање на ноќната апнеа? Колку тоа може да го подобри квалитетот на животот на детето и неговиот развој?

- Навременото откривање може значително да го подобри квалитетот на животот. Кога се третира апнеата, детето конечно започнува да спие мирно и квалитетно — што се одразува на неговата концентрација, расположение, раст и учење. Се спречуваат долгорочни компликации како заостанување во развојот, срцеви и белодробни проблеми или покачен крвен притисок.

Иницијатива на Козле за еца со Даунов синдром

Дали планирате вакви испитувања да се прошират и на други категории деца со ризик од нарушувања на спиењето?

- Во моментов полиграфија изведуваме кај деца со симптоми на 'рчење и прекини во дишење во сон, зголемени крајници и прекумерна телесна тежина, кај кои најчесто се сомневаме на опструктивна ноќна апнеа. Нашата цел е оваа практика да ја прошириме и на други ризични групи – деца со невромускулни заболувања, краниофацијални аномалии, синдромски заболувања и прематурни/комплексни случаи.

Сепак, важно е да се истакне дека кај овие категории, за целосна проценка на спиењето, не е доволна само полиграфијата, туку е потребна полисомнографија, која овозможува и следење на фазите и квалитетот на сонот. Се надеваме дека наскоро ќе обезбедиме и таква опрема, со цел уште подобра грижа за децата со ризик од нарушувања на спиењето.

Иницијатива на Козле за еца со Даунов синдром

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30422 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.