Родители на млади жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани гостуваа во „24 анализа“, а нивните сведоштва насолзуваат очи. Ужалените родители проговорија со потресни сведоштва за кобната вечер на 16 март, но и за нивната долга и исцрпувачка битка со институциите.
Габриела Наунова, мајката на Надица, со растреперен глас и низ солзи раскажа за првите моменти кога дознале за веста.
Вели дека кога во 2 часот и 40 минути ѝ јавиле дека дискотеката гори, прво истрчала во собата на Надица за да види дали е тука, бидејќи не била сигурна дали е во „Пулс“. Видела дека не е, па веднаш се упатиле таму и постојано ѝ ѕвонеле на телефон. Но, немало одговор и мајчинскиот инстинкт и нивната поврзаност ѝ навестиле дека е нешто навистина сериозно.
„По 20 пати во денот се слушавме. Кога сфатив дека Надица не ми се јавува на телефон, тој мајчински инстинкт кој ние го имаме и поврзаноста... таа болка уште ја чувствувам во градите, бидејќи сфатив дека е нешто страшно сериозно.
Додека трчав нагоре, викав само Надица, Надица, надевајќи се дека ќе ја најдам надвор од дискотеката. Но, не. Полицајци имаше пред влезот на дискотеката, имаше еден куп деца, легнати настрана, потпрени по ѕидовите, на самата трева, кој на пат... тоа беше страшно.
Само слушав женски повици и истрчав да видам. Од левата страна од дискотеката имаше девојчиња на решетките на прозорците, бараа помош и само викаа дајте ни воздух. Излегуваше страшен црн чад.
Сопругот дојде, мене не ме пуштија да влезам во дискотеката. Сопругот кога влезе во дискотеката, одма ја препозна Надица и ми ја даде во раце.
Мислев дека е само онесвестена, дека ќе можам да ја спасам. Првото нешто што го направив, побарав помош додека сопругот отиде да ја донесе колата. Побарав помош од полицијата, но полицајците не сакаа никаква помош да ми пружат. Дотрчаа неколку од лицата што беа таму од повредените и ми помогнаа да ја качам во сосема трета кола, за да ја однесам во болницата во Кочани.
Надица беше во првите неколку души во болницата. За жал, не успеавме да направиме ништо за неа. И мислам дека цел живот ќе ми остане тоа траума 'зошто', 'нели можев порано да стасам', 'нели можев нешто повеќе да направам за неа'.“
За својата ќерка, Габриела има само пофални зборови:
„Надица беше дете за пример, дете што секоја мајка би посакала да има таква ќерка до неа. Надица не беше само како моја ќерка, Надица ми беше најголема поддршка, најдобра пријателка, најдобра другарка. Горда сум што овие 17 години сум ги посветила на неа, сум направила да бидам горда мајка на неа. Имаше соништа.... до ден-денес дел од соништата се обидувам сега со нејзината сестричка да ги остварам. Тие соништа што таа ги замислуваше и сакаше да продолжи напред, како и секоја млада личност, да продолжи напред со животот. Никој не се надеваше дека ќе дојде до ова. Тие соништа ќе ги остварам со нејзината сестра.
Надица беше трета година средно во гимназијата, ова ќе ѝ беше четврта година сега. На 28-ми декември требаше да наполни 18 години, што едвај ги чекаше за да стане полнолетна. Немам зборови за да ја доловам и да ја опишам неа. Секој што ја познаваше, нема никој лош збор да каже за неа. Беше отворена, дружељубива, беше поддршка на сите.“
Претходно таткото на Надица, Александар, го сподели последното видео од ќерка си.
Родителите во емисијата на Телевизија 24 упатија повик до јавноста да се приклучи на утрешниот „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи во 12:05 часот во Скопје.
Собирното место ќе биде Плоштад Македонија, од каде што маршот ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд, местото каде што учесниците ќе побараат правично судење и одговорност за загубените животи.
