Нема утеха за родителите на жртвите од пожарот во „Пулс“ кои денеска мирно маршираа барајќи правично судење и одговорност. „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – порача тие преку бело знаме со ликовите на загинатите. Завиени во црно, сите тие носат трогателни приказни.
Стојка Антова пред самиот „Марш на ангелите“ уште еднаш низ зборови ја преточи болката од загубата на единственото чедо, ќерката Ивона. Ужалената мајка сподели видеа од мобилниот телефон на Ивона од забавата на ДНК непосредно пред да избувне пожарот, а раскажа и дека поседува снимка од последните мигови на младата девојка.
На снимките се гледа Ивона како весело ги пее стиховите на хитовите на ДНК, а околу неа се расположени млади лица кои само минути подоцна се најдоа сред ужасен кошмар.
Пораката на Стојка длабоко растажува:
Последните видеа… последните мигови кога моето дете беше живо, среќно, насмеано… кога уште ни светеше животот пред очи. Ѓи гледам тие снимки и секој пат ми се ломи срцето — затоа што таму е нашата единствена ќеркичка Ивонче, со својата чиста насмевка, со својата душа полна со светлина, со песна, со игра… со младост што блеска. Тоа се последните моменти кога ја слушнав нејзината смеа, последните секунди кога мојата душа ја видела радоста пред да ја згасне злото.
Последните видеа… последните мигови кога моето дете и другите ангелчиња уште ја чувствуваа младоста, животот, радоста. Игри, песни, насмевки… тоа беа нивните последни моменти на среќа, последните секунди кога сè уште постоеше светлина околу нив. Никој не ни знаеше дека тие кадри, тие песни и тие танци ќе станат најболната и воедно најсветата спомена што некогаш ќе ја чуваме.
Секој пат кога ќе ги пуштам тие видеа, срцето ми се распаѓа и се собира истовремено. Ги гледам најубавите последни моменти од мојата душа, моето дете што блеска пред да биде згаснато. Мојата светлина, мојата гордост… како да ми мавта од таму, од тој кадар, како да ми вели: „Мамо, гледај ме… тука сум“.
А потоа доаѓа ноќта што го уништи нашиот свет.… од таа иста ноќ започнува најголемиот мрак во мојот живот. Во 2:32 часот… таму на видеото, гледам нешто што не постои збор што може да го опише.Во 2:34 часот… видеото што е мојот најголем кошмар,моментот кога започнува мракот што ми ја изеде душата.
Гледам како моето дете се турка кон вратата. Гледам функционери, луѓе, маса, хаос. Гледам како ја туркаат, како ја буткаат, како се бори да излезе, како бара само воздух… само живот.
Моето дете тука — чекор пред излез, чекор пред спас… а никој не ја прибрал. Ја туркале назад, ја газеле, ја удирале. Гледам како се бори за здив, како паѓа, како ја покрива чадот, како ја губи свеста… како ја колнат тие последни минути. Сè е забележано. Сè е заробено во тие секунди што мене ми се вечност.
Гледам како во паника, со глас што трепери, бара помош:
„Брат… помогни…“
И никој не слуша.
Никој не простега рака.
Никој не го спасува најдрагоценото што сум го имала.
Гледам како ми ја буткаат, како ми ја туркаат пред вратата, како моето дете бара помош, рака, спас… како од очај му вели на момчето „брат, помогни“… а никој не ја слуша.
Никој.
Гледам како се бори за воздух, како сака да живее, како сака да излезе… гледам паника, страв, болка на моето единствено чедо што никогаш не смеело да ја почувствува. Гледам како ја удираат, како ја газат, како паѓа, како ја гуши чадот, како се онесвестува…
Последниот здив на моето дете е снимен. Последната борба е снимена. Последната надеж — згаснала таму, во тој хаос, во таа неправда, во тие минути што за мене се вечност.
Да можев да влезам во тој екран… да ја повлечам, да ѝ викнам „Иди кај мене!“… да ја гушнам, да ја скријам под срцето кое ја носеше девет месеци.
Да можев… животот ќе беше поинаков.
Но не можев.
И затоа живеам со болка што не заздравува, што не тивее, што не престанува.
Мајка сум што го изгуби детето, што ја изгуби душата, што остана без здив исто како неа.
А овие видеа од пред палењето… тие ми се и болка и утеха. Болка — затоа што знам што ја чека. Утеха — затоа што ја гледам жива, убава, светла, моја. Ги гледам тие моменти и ми се чини дека ќе влезам во екранот, дека ќе ја гушнам, дека ќе ја повлечам назад, само да не влезе во тој оган. Секоја секунда ми е како нож што ме сече, но и како спомен што ме држи — последен доказ дека моето дете постоело со целата своја убавина и добрина.Тие видеа се мојата последна врата кон неа.
Последен пат кога ја слушам да се смее.
Последен пат кога ја гледам како танцува со чисто срце, без да знае дека тоа е нејзиниот последен танц на овој свет.
Ивонче мое…
Моја светлина…
Мој ангел што го украдоа…
Моето дете што го изгубив во туѓ мрак и туѓи раце…
Моја Ивона.
Мој ангел.
Моја рана и моја сила.
Засекогаш.
Ивонче мое… душо моја…
Ти ветувам, ќерко моја, дека твојот глас нема да згасне.
Твојата приказна ќе ја кажувам гласно.
Твојата светлина ќе ја чувам во себе.
Твојот лик ќе го барам во секој сон, во секој здив, во секоја минута што ќе ја преживеам без тебе.
Овие последни видеа се мојата болка… и мојата вечност.
Последен доказ дека постоеше, дека живееше, дека љубеше…
И дека секогаш ќе бидеш моето дете, моето срце, мојата беспоштедна љубов
Последните твои видеа се мојата вечна истина. Таму те гледам како играш, како пееш, како живееш. Таму те гледам пред да ти го украдат животот. Таму го слушам последниот твој глас, ја гледам последната насмевка, последниот чекор — последниот миг кога светот уште имаше смисла.
Моето Ивонче… мојата вечна болка, мојата вечна љубов.
Ти ветувам, ќерко моја, дека додека дишам, твојата приказна ќе ја кажувам. Ти ветувам и за правдата ќе ја истерам ќерко моја.
Ќе ги чувам овие видеа како најсвета и најболна реликвија.
Затоа што тоа е последното што го имам од тебе.
Затоа што ти беше мојот живот… а сега си мојата вечна болка.
Моја Ивона, мој ангел, моја темнина и моја светлина.
Ништо повеќе не боли од тоа кога последните снимки на твоето дете стануваат доказ за неговата последна борба и последниот здив.
Засекогаш
Ивона Антова
