Тоше и Габриела Зафирови докажуваат дека постои љубов која се гради секојдневно, со почит, труд и искреност. Деновиве познатиот македонски бодибилдер и неговата сопруга уживаат во егзотичниот Дубаи, но нивната приказна не е само за патувања и луксуз, тие имаат љубов што трае веќе четвртина век.
„Љубовта и меѓусебната поддршка се нашата најголема сила“ – вели Тоше во искрен разговор за Фемина.
Брачната двојка, која потекнува од неготинското село Тимјаник, е симбол на стабилен брак и заедништво. Двајцата се горди родители на ќерката Ангела, која по нивните стапки, со истата дисциплина и љубов го гради својот пат во бодибилдингот, како и на синот Блаже, кој живее во Австрија и секогаш е нивна инспирација и гордост.
Денот што започнува со тренинг и завршува со прегратка
И на одмор, Зафирови не ја менуваат својата рутина.
„Во Дубаи сме веќе месец дена и денот ни почнува рано – јас станувам во 6:15 за првиот утрински тренинг. Тука има прекрасни патеки, сè е чисто и средено, вистинско место за кардио. Потоа појадуваме, па одиме или на базенот кај нас, или во некој од ресортите што ќе ги одбереме за тој ден“ – раскажува Тоше со типичната енергија што ја има и надвор од теретаната.
Во попладневните часови, времето го делат меѓу вториот тренинг, деловни состаноци и прошетки низ луксузните делови на градот. Кога станува збор за препораки, вели:
„Дубаи има премногу убави места кои вредат да се видат. Би препорачал секој кој е во можност барем еднаш во животот да го посети. За мене најимпресивни се ‘Azure Beach’, хотелот ‘Atlantis The Royal’ со базенот со неверојатна глетка на Палмата, и секако, ‘Бурџ Ал Араб’ – хотелот со седум ѕвезди. Тоа е нешто што мора да се доживее, инаку вака колку и да зборуваме, колку и фотографии и видеа да ставаме, сепак, кога ќе влезе човек таму, ќе се почувствува неверојатно.“
Тајната на љубовта што трае
Во време кога многу бракови се распаѓаат на првиот предизвик, Тоше и Габи се пример дека љубовта може да трае, ако се негува:
„Да, ние сме 25 години во брак и навистина сум среќен што имам жена како нејзе покрај мене. За еден успешен брак, пред сè, мора да има многу разбирање и многу љубов за да опстои. Еве 25 години, а дај Боже да бидат и 50 и 75 да си дочекаме и сè по ред. Мора да постои љубов, а за да постои таа љубов мора секојдневно да се работи на неа. Бракот не е колку само да се земеме или само поради децата да го одржуваме, туку мора да го почувствуваме длабоко во себе и во секој момент кога ќе го погледнеме нашиот партнер, да имаме нешто во нас што ќе нè посети дека го сакаме тој човек, да има нешто што трепери во нас.“
Тој додава дека најважно е да се негува почитта. „Многу е лесно да смениме некој, да напуштиме, да избегаме, да одиме кај мама или кај тато, или кај некој друг. Но, тешко е навистина да одржиме брак, особено со овие социјални мрежи кога е сè јавно достапно, кога секој може да ти пријде. Сметам дека она што е највредно е тоа што го имаме до нас.“
Силен брак се гради со истата дисциплина и посветеност како и силно тело
Дисциплината што го направи еден од најуспешните бодибилдери во Македонија, Тоше ја пренесува и во својот приватен живот:
„Како што имаме дисциплина во спортот, треба да имаме за сè во животот, а уште повеќе да имаме дисциплина во бракот. Точно треба секој да си ги знае своите должности во бракот – кои се, чии се. Јас сметам дека мажот треба да биде маж во бракот, да биде столбот на бракот, мажот треба да биде тој што ќе му даде сигурност на тоа семејство. И најсилната жена да е на светот – сепак бара сигурност, бара некој наутро да ја фати за рака, да ја гушне, да ја бакне, да ја испрати на работа, да ја пречека од работа, да ја прегрне, без да знае да ѝ испрати букет цвеќе, да ја однесе на некоја убава вечера. Треба да бидат двајцата како едно. За тоа да се постигне, треба навистина многу посветеност и многу дисциплина. Не треба за да ја покажеме нашата љубов да чекаме да дојде 8-ми март или некој роденден, туку секојдневно треба да работиме на тоа. Еден збор „те сакам“ многу значи, но тој збор треба да е искрен кога ќе го кажеш.“
Кога љубовта е јавна
На социјалните мрежи Зафирови споделуваат видеа од базени со поглед кон облакодерите на Дубаи, на кои разменуваат прегратки и искрени бакнежи, кои често предизвикуваат различни реакции – од восхит до критика. Но, Тоше не им придава значење и вели дека е апсурдно да се разговара на оваа тема:
„Јас искрено воопшто не сметам дека поставуваме некои предизвикувачки видеа, туку напротив само ја искажуваме нашата љубов. Јас ако ја гушнам, ако ја бакнам мојата сопруга или таа ако го направи тоа - тоа најмалку треба да асоцира на нешто друго. Секој нормален, при здрав разум, тоа би го асоцирало на двајца што 25 години се заедно и сè уште се сакаат како првиот ден. Јас мислам дека само исфрустрирани луѓе коишто се напуштени и несреќни, кои не се сакаат самите себе, можат со некаков презир да ги гледаат тие наши видеа. Секој нормален, кој што има нормален брак, кој што има љубов, кој што знае да пружи љубов, ги гледа овие видеа со воодушевување.“
На критиките гледа со насмевка:
„Ама баш ниту еден коментар не допира до мене. Воопшто не ги ни читам тие коментари бидејќи за мене се релевантни само коментарите на мојата сопруга, на моите деца, мојата мајка, мојата сестра и неколку блиски пријатели што ги имам. Јас додека во Дубаи се капам во најубавите ресорти, а тој некој скапува пред тастатура и пишува за мене, јас треба за него да мислам, ни на крај памет не ми паѓа, верувајте. Само можам да ги поздравам и да им посакам убав и среќен и безгрижен живот.“
Тие видеа вели дека се на социјалните мрежи за таму да останат засекогаш, како пример за нивните деца:
„Дај Боже нашите деца да гледаат како ние сме се сакале, а не како сме се карале, како сме викале, како имаме несреќен и нестабилен брак, како еден друг изневеруваме или било што такво. Така што секој добро нека размисли кога ги гледа овие видеа што ќе помисли. Животот е еден голем универзум, сè она што го мислиме, ни се враќа, на било кој начин. Така да размислуваме позитивно, да сакаме, да бидеме сакани, зошто животот е многу краток и многу брзо поминува.“
Домот и семејството како најголема вредност
Иако уживаат во луксузот на Дубаи, Зафирови не забораваат каде им е срцето.
„Едвај чекам да се вратам дома“ – признава Тоше. „Ми недостасуваат мојата теретана, мајка ми, сестра ми, ќерка ми, па и кучињата и мачките што ги хранам секојдневно. Македонија е наша земја, ја сакам од дното на душата.“
Тој вели дека неговите познаници во Дубаи се импресионирани од Македонија:
„Тука со многу инвеститори зборувам да инвестираат во нашата земја, да може да го подобриме стандардот и воопшто животот, бидејќи заслужуваме да бидеме малку посреќна нација и да бидеме попозитивни како Македонци. Со кој и да зборувам, секој еден во Дубаи најпрво ќе ми спомне за Александар Македонски, за Кирил и Методиј, за Самоил, ќе ми спомне за нашата историја која што ја имаме со векови. Ние треба да бидеме среќни луѓе што сме потомци на такви великани и што луѓето нè препознаваат по добро.“
Порака за младите
Во животот, вели Тоше, нема тајни рецепти – само искреност:
„На младите им порачувам: сакајте се, почитувајте се, не се изневерувајте. Работете на себе и на вашата врска секој ден. И нормално кога стапуваме во брак, ние сме двајца луѓе со два различни карактери, треба да си учиме еден од друг - на кој што му смета, кој што сака, да се прилагодуваме еден на друг и да работиме секојдневно на таа наша љубов. Само така може да биде успешна и долгорочна. Најважно од сè е да си го чуваме семејството, да не го изневеруваме - тоа е благослов од Бога. Нема ништо поубаво од тоа да се вратиш дома, да има кој да те пречека, гушне, бакне, со кој да поделиш постела, да станеш насабајле, некој да ти каже 'добро утро, те сакам, имај убав ден', да знаеш дека некој те мисли, дека некој мислиш.
Само искреност, само така може да биде долгорочно. Доколку малку нешто не е искрено, доколку немаш чувства повеќе, подобро еден од друг тргнете се и секој по својот пат. Не треба и не мора да е ништо вечно, но колку што можеме, повеќе да ја зачуваме таа наша љубов и да ги зачуваме тие убави семејни вредности.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
