Незаборавните хитови на Кире Костов допреа длабоко во срцата на публиката на синоќешниот концерт „Летај Галебе“.
На настанот во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски, настапија редица истакнати музичари кои ги оживеаја на сцената евергрините со потпис на Костов.
„Од Битола тргна со соништата да создава музика. Создаде нешто многу повеќе, создаде звук што стана дел од нашиот идентитет“ – рече со емоции Живкица Каленикова, која заедно со Огнен Јанески го водеше концертот во Националната опера и балет.
Драган Мијалковски ги распеа присутните со „223-305“, Влатко Лозаноски разбранува чувства со „Галебе мој тажен“ и „Казна моја си“, Елена Ристеска ја развиори магијата на „Кога те нема“, Александар Тарабунов разнежни со „Илузија“ и „Синот Божји“... Одекнаа гласовите и на Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Ана Петановска, Елена Васова и Сугијама Кономи.
На сцената беше и неговата ќерка Ана Костадиновска, која вели: „Имав привилегија да растам покрај човек кој беше симбиоза на музички гениј, висок професионализам и длабоко всадени човечки вредности“.
Кармен Костова, сопругата на маестро Костов, потенцира: „Ова е важен концерт за нашето семејство, бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман.“
Кире Костов е симбол на македонската музика – композитор, аранжер и диригент кој има создадено повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство. Благодарение на уникатниот спој на џез, поп и народни елементи, маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.
Фото: Благоја Цоканов / Femina.mk
