Почетна » Новости » Животни стории » „Да си го гледаш бебето во инкубатор, а да не можеш ништо да направиш е тешко“: Емотивно со Дени од „Антена 5“ за предвремено родената ќерка Миа

„Да си го гледаш бебето во инкубатор, а да не можеш ништо да направиш е тешко“: Емотивно со Дени од „Антена 5“ за предвремено родената ќерка Миа

Во јавноста е препознатлива по топлиот радио-глас и позитивната енергија што секојдневно ја пренесува преку брановите на „Антена 5“. Зад микрофонот, Дени Станоевска Џидрова носи една многу подлабока и посебна приказна – приказна за мајка која ја научила силата на чудата, на стравот и на неизмерната љубов.

Секој 17 ноември, на Светскиот ден на предвремено родени бебиња, нејзиното семејство се навраќа на тешките, но пресудни денови во 2009 година, кога малата Миа, родена во 28-ма недела со само 1.250 грама и 38 сантиметри, ја започна својата прва животна битка во инкубатор.

Денес, таа битка е претворена во инспирација. Миа е креативна тинејџерка која храбро чекори низ светот, а Дени – мајка која преку своето искуство им дава надеж на сите родители кои се соочуваат со истата неизвесност. Во емотивен разговор за Фемина, таа се потсетува на тие моменти што болат, но и на силата што тогаш не ни знаела дека ја поседува.

Дени со семејството

Имено, кога по шест обиди со ИВФ и години надеж, конечно пристигнала Миа, Дени се соочила со најтешките денови во својот живот. Денови полни неизвесност, болнички мирис, апарати и тишина што ја суши душата.

Најтешкото чувство тогаш беше чувството на беспомошност
Дени

„Искрено и сега ми е тешко кога ќе се навратам на тој период по 16 години. На самиот почеток само да кажам дека на 13.11 Миа го прослави својот 16-ти роденден и сум премногу среќна што се избори, но цел живот ќе биде борба за неа. Сепак, како и на самиот почеток, и понатаму во животот, секогаш ќе излегува како победник. Најтешкото чувство тогаш беше чувството на беспомошност. Да си го гледаш детето толку мало, нежно, во инкубаторот, поврзано со толку кабли и апарати, а да не можеш ништо да направиш е тешко, останува само да се молиш и веруваш. Секој ден беше борба помеѓу стравот и надежта. Но, вербата дека таа ќе се избори никогаш не ме напушти“ - раскажува оваа силна мајка.

Дени со семејството

За време на најтешките мигови, имала поддршка од семејството, но вистинската сила морала да ја најде во себе, а најголемата утеха ја добила од другите мајки кои ја живееле истата болка:

„Секако дека имав поддршка, најголема поддршка ми е сопругот и тогаш и сега, но како мајка, си носев товар во себе кој секоја мајка го чувствува за своето дете. Луѓето околу мене беа загрижени, но тешко е некој да ја разбере таа длабока тишина и стравот кои мајката ги носи кога ѝ е загрозено детето. Мора да најдеш сила во себе и да продолжиш, без разлика на сѐ. Во тие моменти, пронајдов многу мајки кои се бореа со истата мака и си бевме меѓусебна поддршка, бидејќи само тие ја разбираа мојата болка и јас нивната.“

Во целиот тој хаос на страв и надеж, дошол и моментот што никогаш нема да го заборави, денот кога конечно ја зела Миа во раце без кабли и апарати. Тоа било првото мало чудо што ѝ дало сила да верува дека ќе биде добро, иако борбата траела уште долго.

По повеќе од еден месец, прв пат ја зедов во раце без апарати околу неа
Дени

„По повеќе од еден месец, прв пат ја зедов во раце без апарати околу неа. Толку беше мала, а сепак толку моќна. Од првиот момент таа беше многу борбена, таква е и денес. Тогаш само си реков – сѐ ќе биде добро... Сепак, постојано тлееше неизвесноста за неа сè додека не прозборе, не прооде, не почна во градинка, училиште“ - искрена е Дени.

Дени со семејството Дени со семејството

Денес Миа е порасната во девојче какво што само срцето на една мајка може да го замисли – различно и исклучително свое:

„Миа денес е посебно девојче – интелигентна, многу креативна, музикална, чувствителна и борбена. Свири пијано и гитара, пее, црта неверојатно добро, обожава музика и постојано ја слуша и се запиша во уметничко училиште, бидејќи тоа е нејзината пасија. Таа е многу своја, различна, ранлива и искрена. Не се вклопува во измислените стандарди во општеството, но токму тоа ја прави посебна.“

Од првата животна борба, Миа понела сила, тврдоглавост и непокорност кон стравот. Секогаш оди по свој пат, без да се плаши дека е различна, напротив, токму тоа е нејзиното најголемо богатство.

Дени со семејството Дени со семејството Дени со семејството Дени со семејството

„Од таа прва борба сигурно ја наследи силата, тврдоглавоста и чувството за преживување. Таа не се плаши да биде различна и секогаш да го следи својот пат, дури и кога ѝ е тешко. Но, секогаш сме ние тука за неа, ние сме нејзиниот ветер во грб и што и да прави и да одлучи во животот, ние сме тука за неа и таа тоа го знае. Во однос на тоа како реагира дека е предвреме родена, нема некое размислување посебно, освен што знае да каже дека е борец“ – раскажува радио-водителката.

Дени, која поминала низ болката, неизвесноста и долгите болнички денови, денес им се обраќа на сите мајки што стојат пред инкубатор, со истата надеж која тогаш ја носела и таа:

Верувајте во чуда затоа што тие навистина постојат
Дени

„Би им рекла да веруваат во своето дете, да веруваат дека сѐ ќе биде добро и дека тие мали бебиња се многу силни и ќе се изборат. Иако деновите изгледаат неверојатно долги и полни со исчекување, бебето секогаш ја чувствува нивната љубов и сила. Тоа е најголемиот лек. Верувајте во чуда затоа што тие навистина постојат. И секако, убаво е да разговараат со мајки кои веќе тоа го поминале, бидејќи така полесно се поминува тој тежок период, но и надежта е уште поголема.“

Кога би можела да ѝ се обрати на верзијата од себе од пред сите тие години, на онаа уплашена мајка која стоела пред инкубаторот, би ѝ го кажала истото:

„Да биде силна и да верува во своето дете и никогаш да не се откаже. Борбата е тешка, но нема кој друг да ја извојува освен бебето и родителите. Сѐ што во тој момент многу боли, еден ден ќе биде приказна што ќе се раскажува со благодарност.“

Приказната не завршува со Миа. По сите бури и долгата борба, семејството ја добило и светлината што се вика Максим – дете родено без потешкотии, по природен пат, како вистински благослов и ново чудо.

Максим е доказ дека животот знае да врати со светлина по сите бури
Дени

„По години борба да ја добиеме Миа, Максим беше дар од Господ. Максим дојде како благослов и доказ дека животот знае да врати со светлина по сите бури. Тој е нашето чудо на еден начин, Миа на друг. Максим е исто така исклучително интелигентно дете кое обожава да вози велосипед и во моментов, тоа е неговата најголема пасија“ - со благодарност зборува Дени.

Дени со семејството

Денес, како мајка на две прекрасни деца, таа со насмевка признава дека е малку паничарка, но и дека секогаш ќе им биде посветена:

„Мислам дека моите деца најпрво би кажале дека сум паничарка, па потоа посветена, емотивна и праведна. Дека премногу се грижам, но и дека секогаш сум тука за нив – без разлика што се случува. Сакам тие да знаат дека љубовта што ја чувствуваат од мене е нивниот најголем темел во животот.“

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30480 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.