Една неверојатна животна приказна од Велика Британија сведочи за тоа колку длабока и вистинска може да биде пријателската љубов.
Акушерката Џорџија Барингтон, која е родена без матка, конечно ќе си го оствари сонот да стане мајка и тоа благодарение на нејзината најдобра пријателка Дејзи Хоуп.
Дејзи ќе го износи нејзиното дете како сурогат-мајка, а Џорџија ќе помогне во породувањето и ќе го донесе на свет своето мало чедо.


На 15-годишна возраст Џорџија ја добила лошата дијагноза дека има Мајер-Рокитански-Кустер-Хаузеров синдром (MRKH) – ретка вродена состојба поради која жените се раѓаат без матка, што ја прави природната бременост невозможна.
„Отсекогаш сонував да бидам мајка. Бев родена без матка и знаев дека не можам да износам свое дете“ – изјавила Џорџија.
Кога биле тинејџерки, Дејзи во шега ѝ рекла на Џорџија: „Ако не можеш да имаш дете, јас ќе го износам твоето“. Иако тоа тогаш звучело како шега, ветувањето останало и повеќе од една деценија подоцна, станало реалност.



Работењето како акушерка уште повеќе ја разгорувало желбата на Џорџија да стане мајка. Кога Дејзи забременила со свое дете, Џорџија била таа која ѝ помогнала да ја донесе на свет ќеркичката Емилија.
„Ѝ помогнав да ја донесе Емилија на свет и таа ми рече: ‘Мораш да го искусиш ова’“ – изјавила Џорџија, без да знае дека Дејзи сè уште сака да си го исполни ветувањето.
„Емилија беше малечка кога отидовме на кафе. Ѝ реков дека тоа сè уште важи и дека сакам да го износам нејзиното бебе“ – рекла Дејзи.


Џорџија ѝ рекла на Дејзи дека најпрво сака таа да заврши со создавање на своето семејство, пред да се започне процесот за сурогатство. На што Дејзи ѝ возвратила: „Повеќе сакам двете да имаме по едно дете, отколку јас да имам две деца, а ти ниедно“.
Така, започнал целиот процес. По првиот трансфер на ембриони, Дејзи добила позитивен тест за бременост, но за жал, во 9-тата гестациска недела доживеала спонтан абортус.
Надежта за Џорџија и нејзиниот партнер Лојд не згаснала. Вториот трансфер на ембриони бил направен на 31 јануари годинава и бил успешен.
Сега, во утробата на Дејзи расте бебенцето на Џорџија и Лојд и бременоста се одвива без компликации.
„Ќе биде магично. Едвај чекам да ги гледам Емилија и бебето како стануваат најдобри пријатели“ – изјавила Дејзи.






@thismorning Could you go through labour so your best friend could have a baby? That’s exactly what Daisy’s doing, after making a selfless promise at 15 when she found out her friend Georgia couldn’t have children.
♬ original sound - This Morning