Ана Канлиќ со насмевка на лицето ја води најтешката борба во својот живот. Српската новинарка од медиумот „Курир“ храбро се бори со ракот, но и со бројните негативни коментари кои ги добива на улица и на социјалните мрежи.
Искрената Србинка беше гостинка во емисиите „Neispričano“ и „Redakcija“ во кои искрено и отворено зборуваше за смелоста на луѓето да даваат секакви непромислени коментари.

„На социјалните мрежи на сите им е достапно да коментираат. Живееме во 21. век и не постои срамота денес. Постои срамота кога велиме дека сме болни, тоа е срамота, а не е срамота да експонираме нешто што би требало да биде срамота денес“ – вели Ана.
Храбрата новинарка зборуваше за пораките кои ги добивала на социјалните мрежи.
„Се сретнав со тоа дека нема да бидам родилка, дека ќе умрам од оваа болест, дека залудно се борам со тоа кога мојата судбина е запишана горе. Тоа го добивам како коментар или како порака. Ме прашуваат како успевам да бидам среќна, а знам со што се борам.“
„Мене генерално тој коментар нема да ми влијае, затоа што знам која сум, но се ставам во ситуација на некој кој седи дома и поминува низ ова во тишина. Дали е таа личност лабилна, дали има самоубиствени мисли... Многу си даваме за право да коментираме такви нешта и од таа причина мислам дека им е чудно на луѓето на улица да видат ќелава жена или девојка“ - изјавила таа.
На прашањето дали тоа ѝ се случило неа на улица, Ана одговори: „Да, од баба која има 60-70 години, која ми рече дека сум наркоманка, избодена, затоа што рацете ми се такви од канилите и затоа што сум ќелава, ми рече дека сум наркоманка. “
Првиот симптом, силна болка и грч во долниот дел од стомакот, Ана го почувствувала за време на посета на црква на Божиќ. Ова за неа било знак од Бог дека треба да посети доктор.
По направените прегледи и испитувања, на 13 јануари ѝ била направена итна операција поради малиген тумор на десниот јајник. Во тој момент Ана не знаела дека станува збор за рак, туку за обична циста на јајникот.
По направена биопсија, резултатите го покажале најлошото и на 25-годишната девојка ѝ било препишано да прима шест рунди хемотерапија.
„На 25 години за првпат ја видов мајка ми како плаче, првпат“ – вели Ана и објаснува дека нејзе најмалку ѝ било важно дали ќе ѝ опадне косата или ќе ослаби, таа сакала да знае дали може да си замрзне јајце-клетки, за еден ден да може да стане мајка.
„Прашував дали постои можност за замрзнување на јајце-клетки, бидејќи хемотерапијата ги уништува јајце-клетките. Најмалку важно за мене беше дали ќе ми опадне косата, дали ќе ослабам, дали ќе ми биде одземено нешто, бидејќи како млада девојка сонував еден ден да станам мајка и да си ја исполнам најзначајната улога во животот“ – признала Канлиќ за Kurir.

Ана сака да им покаже на сите дека може да блеска и без коса и дека ова е само минлива фаза од животот. Таа сака да ги мотивира сите жени кои се наоѓаат во слична ситуација да не се кријат и јавно да зборуваат за својата борба.