Почетна » Новости » Животни стории » „Крварењето застана, но стравот остана“: Исповед на трудница од Битола која не смее да станува од кревет до породување

„Крварењето застана, но стравот остана“: Исповед на трудница од Битола која не смее да станува од кревет до породување

Бременоста е најубавиот период во животот на една жена – време на растечка љубов, исчекување, нежност и подготовка за нов живот. Но, понекогаш, токму тој период знае да стане најголемата животна борба.

Таква е приказната за втората бременост на Ема Рижоска. Трудницата од Битола во 28-та гестациска недела по обилно крварење доби дијагноза што ѝ го промени секојдневието и ја врза за кревет.

Нејзе ѝ била дијагностицирана placenta previa marginalis, по што морала да прима инјекции за зреење на белите дробови, терапија за задржување на плодот и добила строга наредба: лежење во кревет до породување.

Трудница

Со многу солзи, стравови и молитви, но и со огромна љубов кон детето што расте во неа... Ова е нејзината искрена исповед за борбата, неизвесноста и силата на мајчиното срце:

Мојата втора бременост — лежење во кревет. Кога времето застанува.

Обичен 13-ти јуни, петок. Станувам за на работа, како и секој ден — рутински, механички, без никакви претчувства дека токму тој 13-ти ќе ме закова во кревет.

Продолжувам со секојдневните навики: јадење, чистење во кујната... Сè до моментот кога ме совлада дремка и решив малку да подлегнам. Цврсто заспав, веројатно од умор.

Одеднаш, напон за мокрење ме натера да станам. Станувам, одам до тоалет и - шок. Свежа крв, не само на хартијата, туку тече надолу по мене без престан. Страшна слика. Избезумена, ѝ се јавувам на мајка ми да дојде по мене. Таа доаѓа со брзината на светлината и веднаш заминуваме кон болницата.

Тие пет минути до болница... како целиот живот да ми се пресече. Сликата остана врежана во мојата меморија – исполнета со страв за понатаму и уште поголем страв од губење на моето бебе.

Во болница ме примија итно. Се слушаа повици за помош, сестри трчаа околу мене, а јас — во тотален шок. Единственото што ми беше во глава беа солзите и прашањето: Дали моето бебе сè уште е живо?

И да – беше живо. Тогаш почувствував олеснување како целата болка во душата да исчезна за миг.

Следуваше прочистување, крварењето беше запрено. Добив дијагноза: placenta previa marginalis, во 28-та гестациска недела. Болничка хоспитализација, инјекции за зреење на белите дробови, терапија за задржување на плодот — и строга наредба: целосно лежење во еден положај.

Крварењето застана. Но, стравот остана.

По три дена болничка нега, ме пуштија дома со единствена препорака: не станувај од кревет освен до WC.

Деновите минуваат... или подобро речено - не минуваат. Стравот само се зголемува. Од една страна, си велам: има и жени што лежеле по 9 месеци за да го донесат своето дете на свет. Им се поклонувам на таквите мајки. Од друга страна, 28-та недела не е толку далеку — ќе помине, си повторувам...

Но, кога ќе дојде вечер... не можеш да заспиеш. Стравот дека ќе се повтори истото е тука. И дека ќе биде полошо.

Телото боли. Нозете, мускулите, умот. И потоа — уште поголема болка: твоето поголемо дете, кое те осудува, не разбира зошто мама не станува, зошто не игра со него.

Секој ден е борба. Молбите кон Бог се она што ме држи. Вербата дека сè ќе биде во ред.

Лежењето ме научи дека и кога телото мирува, љубовта не мирува.

На сите жени што лежат: вие сте хероини. Не затоа што лежите, туку затоа што издржувате.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 26717 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.