Латералното кинење на менискусот е повреда на коленото која влијае на ‘рскавицата на надворешната страна од зглобот на коленото. Оваа ‘рскавица всушност делува како еден вид амортизер и помага во стабилизирањето на коленото.
Кинењата може да се појават поради ненадејни движења на извиткување, извртување, особено при спортување. Но, може да биде и од абење поврзано со стареењето.

Симптомите вклучуваат: болка на надворешната страна на коленото, оток, чувство на кликање или пукање и тешкотии при целосно исправување или свиткување на коленото.
Причини може да има повеќе:
- Трауматски повреди. Ненадејните движења кои вклучуваат извиткувања или извртувања, особено додека стапалото е фиксирано, може да предизвикаат странично кинење на менискусот, што е вообичаено во спортови како фудбал, тенис и кошарка.
- Дегенеративни кинења. Со возраста или поради состојби како артритис, менискусот може да се истенчи да стане поподложен на кинење од помали движења, дури и од секојдневни активности.
- Комбинирани повреди. Латералните кинења на менискусот може да се појават и во комбинација со повреди на други структури на коленото, како што е преден вкрстен лигамент.
Симптомите се карактеризираат со:
- Болка – обично локализирана на надворешната страна на коленото, потенцијално протегајќи се до задниот дел на коленото, која се чуствува особено при ниски чучњеви или кога коленото е во положба „фигура-четворка“.
- Оток – коленото може да отече, почнувајќи од благ до значителен оток.
- Механички симптоми – пациентите може да доживеат кликање, пукање или заклучување во коленото и тешкотии при целосно истегнување или свиткување на коленото.
- Нестабилност – некои лица може да чувствуваат дека коленото е нестабилно или дека попушта.

Дијагноза
За да се постави точна дијагноза потребно е да се направи:
- Физички преглед при кој лекарот ќе го процени коленото за чувствителност, опсег на движење и стабилност.
- Снимање со РТГ кои можат да исклучат други состојби и МРИ скенирања кои даваат детални слики од менискусот и околните ткива со цел да се потврдат/исклучи кинење.
- Мекмареј тест – овој тест вклучува свиткување и ротирање на коленото за да се провери болка или кликање, што може да укажува на кинење на менискусот.
Третмани
- Конзервативен третман: Одмор, мраз, компресија и подигнување, лекови против болки и физикална терапија често се прва линија на третман за помалку тешки кинења.
- Хируршка интервенција која може да биде артроскопско скратување (менискектомија) или поправка, во зависност од видот и локацијата на кинењето и нивото на активност на пациентот. Кинењата во надворешната третина од менискусот понекогаш можат сами да заздрават поради подобро снабдување со крв.
Опоравување
При нехируршки/конзервативен треман, закрепнувањето може да трае неколку недели, со постепено враќање на активностите како што се подобруваат симптомите.
При хируршки третман, закрепнувањето може да трае неколку месеци, а физикалната терапија игра клучна улога во враќањето на силата и опсегот на движење. Истата може да биде комбинирана со апликација на ПРП која го забрзува заздравувањето.

Проф. д-р Константин Митев
Спец. по општа хирургија / Супспец. по трауматологија
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје
