Почетна » Здравје » Заболувања » Прекумерно потење (хиперхидроза)

Прекумерно потење (хиперхидроза)

Потењето е природен процес, чија основна функција е да го лади телото. Повеќето луѓе потат кога се физички активни, кога се наоѓаат во топла средина или кога се нервозни, вознемирени или под стрес. Но, има и луѓе кои што потат многу повеќе од нормалното без некоја особена причина. Во вториот случај станува збор за прекумерно потење или хиперхидроза.

Прекумерно потењеПрекумерното потење може да создаде проблеми во социјалниот и љубовниот живот.

Што претставува?

Прекумерното потење, кое уште се нарекува и хиперхидроза, е лачење на поголеми количини пот, отколку што му е потребно на телото. Најчесто потта се појавува на дланките на рацете, на стапалата и под пазувите.

Тешко е да се каже колкава количина пот е нормално да лачи телото, затоа што тоа зависи од потребите. Кај некои луѓе може да се лачи помалку од половина литар пот, а кај други и до неколку литри дневно. Ако вежбате или сте физички активни кога времето е топло, нормално е потите повеќе. Но, ако потите додека седите мирно и смирено, тогаш најверојатно страдате од прекумерно потење.

Прекумерното потење може да создаде проблеми во социјалниот и љубовниот живот и дури да го влоши емоционалното здравје. Многу луѓе се чувствуваат непријатно да се ракуваат, да облечат посветла облека и постојано се загрижени за тоа дали другите го забележале нивниот проблем.

Причини за појавата

Најчесто не може да се најде конкретна причина за прекумерното потење и докторите го нарекуваат идиопатско (што значи дека причината е непозната). Причините за појавата зависат од видот на хиперхидроза. Постојат два вида прекумерно потење:

  • Фокална хиперхидроза. Прекумерно потење во текот на денот, кое се јавува на дланките, стапалата и под пазувите. Најчесто потењето запира во текот на ноќта. Многу често гените се поврзани со овој вид на потење. Скоро половината од луѓето кои страдаат од овој проблем, имаат член во семејството кој исто така страда од хиперхидроза.
  • Генерална хиперхидроза. Прекумерното потење се јавува на поголема област од телото. Започнува одеднаш и најчесто е резултат од лекови, некое заболување, менопауза, низок шеќер во крвта, голема активност на тироидната жлезда и сл.

Посета на доктор

Доколку сметате дека страдате од прекумерно потење, најдобро е да се консултирате со доктор. Потребно е да се елиминира веројатноста дека потењето е предизвикано од некое заболување, лекови или неправилно функционирање на тироидната жлезда.

Ако не се установи причина за појавата на прекумерно потење, вашиот доктор може да ви препорача различни начини на лекување, како специјални антиперспиранти или ботокс.

Како да си помогнете сами?

За некои, решението на проблемот со потењето е едноставен – антиперспирант. Антиперспирантите содржат алуминиумски соли кои што ги затвораат потните жлезди и го намалуваат лачењето на пот која што допира до површината на кожата.

Важно е да се напомене дека антиперспираните го запираат потењето, а дезодорансите само ја намалуваат непријатната миризба.

Еве неколку совети што ќе ви помогнат полесно да се справите со прекумерното потење:

  1. Бидете релаксирани. Користете различни техники за смирување, како длабоко дишење. Тоа ќе ви помогне да ги намалите стресот и вознемиреноста, кои што најчесто го предизвикуваат потењето.
  2. Одржувајте хигиена секојдневно. Со редовното туширање вие ќе ги отстраните бактериите кои се наоѓаат на површината на кожата и со тоа ќе ја спречите појавата на непријатна миризба.
  3. Избегнувајте зачинета храна. Одредени храни, како феферони или кари, влијаат врз количината на излачената пот. Консумирањето пак на храни како лук и кромид, може да придонесе потта да добие лоша миризба.
  4. Носете со себе антиперспирант или дезодоранс. Секогаш имајте при рака продукт кој ќе ви помогне да го намалите потењето. Ако во текот на денот, додека сте на работа или низ град, почувствувате дека потењето ви се засилува, лесно ќе можете да ставите уште малку антиперспирант и да го намалите потењето.
  5. Избирајте лесна облека. Многу е важно од каков материјал е изработена вашата облека. Избирајте облека од памук, која што не треба да ви биде премногу тесна.
  6. Носете марамче. Ако чувате марамче во џебот или чантата, можете да ја избришете излачената пот пред да се ракувате.
  7. Не носете капа. За да се борите против потењето, треба да ја одржувате главата ладна.
  8. Користете пудра. Бебешката пудра може да ви помогне да го намалите потењето по телото. За нозете користете специјална пудра за нозе која што ќе ја апсорбира потта.
  9. Не носете ист пар чевли два дена по ред. На чевлите им е потребно едно деноноќие целосно да се исушат. Затоа, обидете се да не носите два дена по ред еден ист пар. Редовно менувајте ги чорапите и кога имате можност шетајте боси. По туширање темелно исушете ги стапалата, затоа што помеѓу прстите остануваат микроорганизми кои можат да предизвикаат габични инфекции.
  10. Информирајте се за хиперхидрозата. Колку повеќе информација ќе соберете, толку е поголема веројатноста дека ќе најдете некој совет што ќе ви помогне да го преодолеете овој непријатен проблем.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.