Почетна » Здравје » Заболувања » Метаболен синдром – дијагноза и третман

Метаболен синдром – дијагноза и третман

Метаболниот синдром го сочинуваат група од состојби кои се јавуваат заедно, а токму тие го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, мозочен удар и дијабет тип 2.

Тие состојби вклучуваат: покачен крвен притисок, гликозна интолеранција (предијабетес), дислипидемија (покачено ниво на холестерол и триглицериди во крвта).

Раното откривање и третман на метаболниот синдром има за цел примарна и секундарна превенција на дијабетес мелитус тип 2, како и кардиоваскуларни заболувања (хипертензија, миокарден инфаркт, периферна артериска болест, мозочен удар), а возможно е да влијае и на и депресија и Алцхајмерова болест.

Жан Митрев

За да се постави дијагнозата метаболен синдром, потребно е да бидат исполнети најмалку три од следниве критериуми:

  • Централна дебелина: обем на половината ≥ 102 cm кај мажи или ≥ 88 cm кај жени
  • Триглицериди на гладно ≥ 1,70 mmol/L
  • Серумски ХДЛ холестерол < 1,03 mmol/L кај мажи, или < 1,29 mmol/L кај жени
  • Покачена гликемија на гладно ≥5,6 mmol/l или претходно дијагностициран дијабетес тип 2 со редовна орална антидијабетична терапија
  • Хипертензија, крвен притисок ≥130/≥85 mmHg или веќе воспоставен третман со антихипертензивни лекови

Во прилог на поставување на дијагноза за метаболен синдром спаѓа и постоење на најмалку три од следните ризик фактори:

  • Фамилијарна компонента: роднини од прво колено со дијабетес тип 2
  • Обезност: индекс на телесна маса (BMI) ≥ 30 kg/m2
  • Хиперурикемија: серумски урати на гладно ≥ 450µmol/l кај мажи, ≥ 340µmol/l кај жени
  • Микроалбуминурија: уринарен албумин ≥ 20mg/24 часа
  • Хиперинсулинемија: гликемија на гладно ≥ 7,8pmol/l (≥ 13,0 mU/l )

Застапеноста на депресивен синдром кај пациентите со метаболно нарушување е околу двапати поголема од таа кај општата популација. Исто така, кај пациенти со метаболен синдром многу често се јавуваат и Алцхајмерова болест и sleep apnea.

Третман

Доколку метаболниот синдром се открие на време, третманот во принцип ќе биде нефармаколошки, односно ќе се базира на промени во стилот на живот.

Токму промените во животниот стил се единствениот облик на третман кој е ефективен и влијае на сите компоненти од метаболниот синдром.

Промените треба да се изведуваат постепено. Може да се почне со 1-2 промени и потоа да следуваат повеќе.

Жан Митрев

Основата е да се направи намалување на калорискиот внес преку намалена количината на масти, а со зголемување на внесот на количината зеленчук во исхраната. Ова всушност значи примена на различни модели на така наречена „здрава чинија“.

  • Течните млечни продукти треба да бидат обезмастени, а другите напитоци да бидат без калории (вода, газирани пијалаци без шеќер)
  • Намалување на прекумерен внес на алкохол
  • Треба да се избегнуваат големи количини храна
  • Потребни се три главни оброци, закуски по потреба
  • Промени во физичката активност
  • Престанок со пушење
  • Типови на вежби кои се погодни и кои му одговараат на пациентот во траење од најмалку половина час на ден
  • Потребно е да се зголеми физичката активност за време на обавувањето на секојдневните активности (зголемување на мускулниот напор со качување по скали, пешачење или возење велосипед до работа)
  • Ако се користи педометар, целта треба да биде најмалку 10 000 чекори дневно.

Промените во животниот стил бараат силна ментална поддршка, која може да се постигне преку добар однос меѓу пациентот-докторот-медицинската сестра или преку поддршка од околината.

Треба да се консултира доктор доколку:

  • Крвниот притисок повторувано е > 140 и/или > 90 mmHg
  • Односот на вкупен холесетрол/ХДЛ холестерол е > 5
  • Триглицериди се повторувано ≥ 2,30 mmol/L
  • Гликемија на гладно ≥ 6,7 mmol/L
  • Пациентот развива симптоми на друго заболување (гихт и сл.)
  • Пациентот има изразени симптоми на депресија

Фармаколошки третман

Не постои третман што ги опфаќа сите компоненти на метаболниот синдром. Затоа фармаколошкиот начин на третманот треба да се состои во лекување на поединечните компоненти од синдромот.

Тоа значи во координација со надлежен специјалист вклучување на антихипертензивна, антидијабетична и антилипемична терапија.

Одлуката околу дозите и типот на лековите кои ќе бидат вклучени во терапија е најдобро да биде донесена врз база на индувидуален пристап кон секој пациент поединечно. При Клиничката болница Жан Митрев докторите специјалисти за решавање на овој синдром ви стојат на располагање со совети и препораки.

Медицина

Д-р Јасмина Зафировска
Интернист тиреолог - диабетолог
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје

Жан Митрев

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.