Почетна » Здравје » Заболувања » Гастритис – причини за појава и симптоми

Гастритис – причини за појава и симптоми

Воспалението на слузницата на желудникот се нарекува гастритис. Се јавува во четири форми: акутен, хроничен, грануломатозен и хипертрофичен гастритис.

Жена со гастритис

Причини

Најчести причини за појава на гастритис се:

  1. Инфекција со бактеријата Helicobacter pylori. Се смета дека околу 50% од светската популација е инфицирана со бактеријата Helicobacter pylori, која може да се пренесе од човек на човек или преку контаминирана храна и вода. Најголем дел од инфицираните немаат компликации, но кај дел од пациентите, поради промените кои настануваат на слузницата, HP инфекцијата може да предизвика акутен или хроничен гастритис, желудочен улкус, дуоденален улкус и карцином на желудник. Најверојатно постојат повеќе фактори кои влијаат врз еволуцијата на инфекцијата, како генетска предиспозиција, пушење, стрес, намален имунитет и сл., кои објаснуваат зошто кај некои луѓе инфекцијата поминува незабележително, а кај други се јавуваат компликации.
  2. Користење на НСАИЛ. НСАИЛ - Нестероидни антиинфламаторни лекови се медикаменти кои имаат пред сè антиинфламаторен и аналгетски ефект. Прекумерното користење на овие лекови (аспирин, ибупрофен, напроксен и др.) може да предизвика оштетување на желудочната слузница, а тоа да доведе до акутен или хроничен гастритис проследен со сериозни компликации.
  3. Стрес. Прекумерниот стрес на организмот предизвикан од опсежни и тешки операции, повреди, изгореници или тешки инфекции, може да биде причина за појава на акутен гастритис.
  4. Алкохол. Алкохолот може да предизвика иритација и ерозија на желудочната слузница. Желудникот станува вулнерабилен на дејството од желудочните сокови, а со тоа се зголемува ризикот за појава на акутен гастритис.
  5. Рефлукс на жолчка. Жолчката претставува жолто-зеленикава течност, која содржи супстанции кои учествуваат во дигестија и ресорпција на мастите. Таа се создава во црниот дроб и се складира во жолчното ќесе. При ослободување од жолчното ќесе, жолчката патува низ жолчните канали и завршува во тенкото црево. Во нормални услови и при зачувана функција на пилорусниот сфинктер (мускул со прстенесто распоредени мускулни влакна во долниот дел на желудникот), се превенира билијарен рефлукс (враќање на жолчката кон желудникот). Но, при нарушена функција на пилорусниот сфинктер или при негово хируршко отстранување, се овозможува навлегување на жолчката во желудникот, а со тоа и иритација на слузницата и последователно појава на гастритис.
  6. Автоимунo заболување. Автоимуниот гастритис е воспаление на слузницата, кое е резултат на имунолошка реакција од организмот, насочена против сопствените клетки на желудочната слузница. Оваа автоимуна реакција доведува до оштетување на слузницата, а со тоа и до гастритис. Овој тип на гастритис почесто се јавува кај пациенти со други автоимуни заболувања како Хашимото тироидитис (хронично воспаление на тироидната жлезда) и тип 1 дијабетес.

Симптоми и знаци

Клиничката слика е индивидуална. Можно е гастритисот да не манифестира никаква симптоматологија, но доколку е присутна, најчести симптоми и знаци на гастритис се:

  • Гадење;
  • Повраќање;
  • Чувство на подуеност во желудникот;
  • Намален апетит;
  • Халитоза (лош здив);
  • Жаречка болка во желудникот во период меѓу оброците и/или во текот на ноќта;
  • Доколку е присутно крварење во желудникот, можна е појава на хематемеза (повраќање на крв) и/или мелена (црна столица).

Кога да побарате помош од лекар?

Проблемите со варењето на храната и иритацијата на желудникот се чести и најчесто не бараат посебен медицински третман. Но, доколку ги имате горенаведените симптоми и знаци на гастритис повеќе од 1 недела, консултирајте се со вашиот лекар.

Внимание! Во случај да се појави црна столица или да повраќате крв, веднаш побарајте медицинска помош.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10617 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.