Почетна » Здравје » Заболувања » Ангина пекторис – причини, симптоми и третман

Ангина пекторис – причини, симптоми и третман

Ангина пекторис (АП) заедно со миокарден инфаркт (МИ), претставува тип на исхемична кардиопатија, односно болест предизвикана од влошување и опструкција на артериите на срцето (коронарна артериосклероза). Се јавува поради акумулација на холестеролни наслаги – плаки, липиди (масти) и воспалителни клетки на ѕидовите на овие артерии, поради што срцето не прима доволно крв.

Ангина пекторис, за разлика од миокарден инфаркт (МИ), се појавува прогресивно, поради делумна опструкција на снабдувањето со крв, резултат на влошување на срцевите артерии со текот на годините. Не предизвикува трајно оштетување на срцето.

Во зависност од тоа дали се појавува во мирување или за време на физички напор/вежби, постои стабилна и нестабилна ангина пекторис.

Жан Митрев

Стабилна ангина пекторис

Болката во градите се појавува при физички вежби и може да се прошири на други делови од телото (вилица, левото рамо, грлото, грбот, раката или зглобот). Болката исчезнува при мирување или со лекови против болка.

Нестабилна ангина пекторис

Болката во градите се појавува при мирување и трае подолго отколку во случајот на стабилна ангина пекторис.

Може да се прошири на рацете, вратот, грбот и вилицата. Во повеќето случаи, болката која има тенденција да се зголемува, ниту одморање, ниту лекови можат да ја ублажат. Таа мора да се третира итно, бидејќи може да предизвика миокарден инфаркт или ненадејна смрт.

Причини за појава на ангина пекторис

  • Делумна блокада (атеросклероза) на коронарните артерии кои го снабдуваат срцето со крв.
  • Стеснување на аортната валвула (аортна стеноза). Тоа предизвикува блокирање на протокот на крв од левата комора до аортата.
  • Тешка анемија.
  • Зголемена активност на тироидната жлезда (хипертироидизам).
  • Акумулација на фактори на ризик, како што се: возраста, полот (почеста е кај мажите отколку кај жените), висок крвен притисок, дијабетес, хиперхолестеролемија, седентарен живот и прекумерно консумирање алкохол и тутун.
Жан Митрев

Симптоми на ангина пекторис

Симптомите на ангина пекторис се исти со симптомите од миокарден инфаркт или срцев удар, но имаат различен интензитет и времетраење:

Болка, печење и/или стегање во градите, кои обично се појавуваат кога вежбате, а потоа исчезнуваат во мирување (освен кога се работи за нестабилна ангина пекторис). Може да биде придружена со болка во други делови од телото како што се рацете, грбот, вилицата или вратот.

Други симптоми: чувство на гадење и повраќање, отежнато дишење, губење на свеста.

Времетраење на болката: помеѓу 15 и 20 минути.

Доколку ги имате овие симптоми, веднаш посетете лекар. Брзото дејствување е клучно за минимизирање на последиците.

Дијагностицирање на ангина пекторис

Дијагнозата на ангина пекторис се поставува со помош на следниве испитувања:

  • Стрес тест или ергометрија – Овозможуваат да се анализира одговорот на срцето при континуирано вежбање на лента за трчање или велосипед за вежбање. При изведување на стрес тестот може да се откријат кардиоваскуларни промени кои не се видливи кога пациентот е во мирување. При вежбање се зголемува потребата за крв во срцето и доколку има опструкција, ќе следи недостиг од снабдување со крв што овозможува поставување на дијагноза.
  • Лабораториска анализа на крв – Служи за проценка на срцевите ензими и параметрите на крвните клетки.
  • Коронарна артериографија (коронарна ангиографија) – Имиџинг тест кој се состои од воведување катетри преку феморалната – препониската или радијалната (на зглоб) артерија за да стигнат до коронарните артерии и да го проценат стеснувањето на срцевите артерии. Се изведува кога претходните тестови потврдиле значајна коронарна болест.

Третмани за ангина пекторис

  • Одмор – Освен кога се работи за нестабилна АП, бидејќи одморот обично не ја ублажува болката.
  • Лекови – Медикаментите кои се користат за релаксирање на артериите на срцето и другите крвни садови служат за да го зголеми снабдувањето со крв во срцевиот мускул. Лековите обично не се ефикасни во ублажување на болката при нестабилна ангина пекторис.
  • Хируршки интервенции – Во екстремни случаи, мора да се вметне стент или да се изврши бајпас.
  • Како превентивен третман, од суштинско значење е да се контролираат факторите на ризик.

Доколку чувствувате какви било промени/проблеми со вашето срце, особено доколку имате некој од горенаведените симптоми кои укажуваат на ангина пекторис, закажете веднаш консултација со специјалистите кардиолози кои ви стојат на располагање во „Жан Митрев Клиника“. Жан Митрев

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11077 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.