Џони Деп во изминативе години мина низ многу комплицирани моменти во животот – изгуби стотици милиони долари, се соочи со смртта на мајка му, се разведе од Амбер Херд откако беше обвинет за семејно насилство, а е и во центарот на неколку судски процеси.
Популарниот актер проговори за финансиските и семејните проблеми во интервју за реномираното списание Rolling Stone.
Стивен Родрик, кој е автор на сторијата, отворено пишува дека за време на интервјуто Деп пиел и пушел хашиш.

Деп го започна разговорот со обраќање кон новинарот: „Па, тука си за да ја чуеш вистината? Полна е со предавство“.
Финансиски проблеми
Во текот на актерката кариера, Џони има заработено околу 650 милиони долари. Шокантен е фактот дека речиси сите тие пари ги нема. 55-годишниот актер тврди дека не знаел дека е во толку лоша ситуација и ја тужи фирмата „The Management Group“ (TMG), која беше задолжена за менаџирање на неговите финансии, за проневера и небрежност.
Во тужбата е наведено дека Деп не знаел дека неговата сестра Кристи добила 7 милиони од неговото богатство, а неговиот асистент се стекнал со 750.000 долари.
Тој признал дека никогаш не гледал на што го става својот потпис: „Ако имаше документ кој требаше да го потпишам, ги потпишував вака (имитирајќи потпис со десната рака додека се гледал налево). Не сакав да гледам што е затоа што им верував на тие луѓе... Сега гледам сè што потпишувам.“
Дополнително, Деп ја обвинува фирмата TMG дека ги користела неговите пари за свои потреби и ги враќала без профит, па од нив бара оштета од 25 милиони долари.
Од TMG се категорични дека немало грешки и измами од нивна страна и дека луксузниот лајфстајл е причината за паричните неволји на Деп. Тие тврдат дека тој трошел компулсивно по 2 милиони долари месечно.
Според документите приложени од TMG, дел од трошоците на Деп се:
- 75 милиони долари за 14 недвижни имоти;
- 3 милиони долари за да ја испука со топ кон небото пепелта од кремацијата на неговиот пријател Хантер Томпсон кој се самоуби;
- 200.000 долари месечно за превоз со приватен авион;
- 7.000 долари за да ѝ купи на ќерка си кауч од сетот на „Keeping Up With the Kardashians“;
- Купување на 70 гитари, 200 уметнички дела и 45 луксузни возила.
- 1,2 милиони долари за доктор на повик;
- 1,8 милиони долари за обезбедување за него и за неговата мајка.

TMG наведува дека Деп потрошил 30 илјади долари за вино, но тој коментира: „Навредливо е да се рече дека имам потрошено 30.000 долари на вино, затоа што се далеку повеќе“.
За сторијата за Хантер Томпсон, Деп вели: „Не чинеше 3 милиони долари да го испукам Хантер кон е***ото небо. Чинеше 5 милиони.“
Џони вели дека судската битка е за неговите деца. „Мојот син од децата на училиште дозна како неговиот стар ги изгуби сите пари, тоа не е во ред“ - вели тој.
Изолација, развод, семејно насилство, депресија
Проблемите на личен план за Деп започнале по бракот со Амбер Херд. Неговите блиски биле против нивната врска и го убедувале да не се венчава без предбрачен договор. Тој ги игнорирал нивните барања.
Џони и Амбер се запознаа на снимањето на филмот „The Rum Diary“ во 2011 година, а стапија во брак во 2015 година. Парот направи свадба на приватниот остров на Деп која чинеше еден милион долари.

Следната година, Амбер поднесе документи за развод и го обвини Џони за семејно насилство. Медиумите објавија фотографии од повредите на нејзиното лице. Разводот беше финиширан откако Џони ѝ исплати 7 милиони долари кои таа ги донира за хуманитарни цели.


Само три дена пред Амбер да поднесе документи за развод, Џони ја изгуби мајка си. Во интервјуто за Rolling Stone, тој раскажа дека неговата мајка физички го малтретирала кога бил мал и дека на нејзиниот погреб рекол: „Мајка ми можеби беше најзлобното човечко суштество кое сум го запознал во животот“. Исто така, Деп сподели дека ја обожавал мајка си и дека првата голема заработка во кариерата ја потрошил за да ѝ купи куќа.
Минатата година Деп се соочи со уште една голема загуба – смртта на талентираниот Том Пети. „Го сакав“ - рекол Деп низ солзи за време на интервјуто.
Ѕвездата од „Pirates of the Caribbean“ отворено проговори и за депресијата и неговиот обид да пишува мемоар на стара машина. „Не можев да ја поднесам болката секој ден. Си налеав вотка утрото и започнав да пишувам додека солзите не ми ги исполнија очите и повеќе не можев да ја гледам страницата. Се обидував да разберам со што го заслужив тоа. Се трудев да бидам добар кон сите, да им помагам на сите, да бидам искрен кон сите. Вистината е најважна за мене. И сепак, сето тоа се случи“ - вели тој.
Деп моментално е на турнеја со својот бенд Hollywood Vampires, кој го формира со Алис Купер и Џо Пери.

За време на неговиот престој во Русија и Полска, тој ги загрижи фановите со слабата фигура. Додека некои се загрижени дека тоа е резултат на долгогодишната злоупотреба на дрога и алкохол, други шпекулираат дека тој слабее за филмска улога, додека трети алудираат на сериозна болест.


Во време кога сè повеќе медиуми пишуваат за распадот на неговиот живот, извори блиски до актерот тврдат дека тој е решен да се издигне од пепелта.