Веста за смртта на Чарли Кирк го потресе светот.
31-годишниот конзервативен активист беше застрелан во вратот за време на свој говор во Универзитетот во Јута, а потоа им подлегна на повредите. Сé уште не е пронајдено лицето кое пукаше во него.

Кирк беше многу популарен помеѓу младите луѓе во САД и имаше милионска мрежа од следбеници на социјалните мрежи. На Instagram го следеа речиси 9 милиони лица, додека бројот на негови следбеници на X изнесува 5,6 милиони.

Од 2021 година, Кирк беше во брак со Ерика, која во 2012 година победи на изборот за убавина Мис Аризона САД. Заедно имаат две мали дечиња – петгодишна ќеркичка и едногодишно синче, чии имиња и лица никогаш не ги откри.
„Имаме момче и девојче и нивните имиња и лица не се ничија работа“ – рече тој пред неколку месеци.



Всушност, Чарли беше голем поборник за семејните вредности. Веруваше дека бракот треба да биде склучен меѓу маж и жена, а не криеше дека е против истополовите бракови. Иако признаваше дека има ситуации каде абортусот е медицински неопходен ако животот на мајката е загрозен, сепак во останатите случаи го сметаше за убиство и за нешто што треба да се забрани.
Христијанската религија беше многу важна за Кирк и тој се обидуваше да ја врати вербата во Бог помеѓу младите во САД.



Како бранител на слободата на говор, особено на универзитетите, Кирк често учествуваше на дебати и настапи, а на еден од нив, го загуби и својот живот. Во 2012 година ја основаше организацијата Turning Point USA, преку која им понуди на младите конзервативци можност отворено да зборуваат за своите идеи и чувство на заедништво.
Со Ерика ја создадоа непрофитната организација „Everyday Heroes Like You“, која е фокусирана на обезбедување облека, храна и неопходни работи за луѓето од ранливи категории.



Со младешкиот изглед, харизматичните настапи и силниот медиумски инстинкт, Чарли Кирк стана фигура која ја делеше јавноста, па или го обожаваа, или жестоко го критикуваа. Неговиот живот беше мешавина од семејна љубов и политички бури, а неговата смрт отвори нови прашања за безбедноста на јавните личности и растечката политичка нетрпеливост во САД.