Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Јелена Јованова-Периќ: Талентирана, успешна и искрена

Јелена Јованова-Периќ: Талентирана, успешна и искрена

Веќе трета сезона си дел од телевизиската серија „Преспав”. На што сметаш дека се должи успехот на серијата? На што те научи ова искуство?

- Пронаоѓање на точен хумор, имплементирање во точни ситуации, негово дозирање, развивање, разбирање и транспортирање. Уиграна екипа која ужива во она што го работи. Публика која прифаќа да се насмее на сопствената мака во која сме сите заедно што влева надеж дека може и ќе нè биде. Не верував за себе дека можам да пливам во жанрот комедија и ненормално многу ме радува фактот дека таму пронајдов дел од себеси. „Јелена од Драчево“ стана своевидна институција и мило ми е што е еден од омилените ликови. Да насмееш некого од срце е најтешко, но колку исполнува таквото чувство во овие денови на сивило - тешко да опишам.

Јелена Јованова-Периќ Јелена Јованова-Периќ

Те препознаваме по многу телевизиски и филмски улоги. Една од последните соработки е соработката со Милчо Манчевски на неговиот последен филм и тим од наши, локални актери/ки? Како е да се работи со Милчо Манчевски? Каква беше енергијата на сет? Кажи ни нешто повеќе за улогата?

- Мојата појава во „Врба” е кратка и многу слатка. Барем за мене. Среќна сум што сум дел од таа приказна. Лесно, филигрански, полно со вистина и живот, смирено и со уживање. Така би го опишала сетот на Манчевски. Повеќе од ова ни не можам ниту сакам да споделам. Ќе ви го оддолжам задоволството за да уживате повеќе во филмот кога ќе излезе.

Што сè уште стои на твојата to-do-list?

- Не сум автор на таквата. Го оставам животот, околностите и времето сами да ја пишуваат. На мене е да сум жива, здрава, спремна за сè што ќе наиде.

Јелена Јованова-Периќ Јелена Јованова-Периќ Јелена Јованова-Периќ

Која ти е најдрага улога од оние од почетоците? Дали сметаш дека те менуваат улогите кои ги играш?

- Не можам да ги селектирам по мерна единица на милост, драгост, љубов. Подеднакво ја сакам секоја. Можеби можам да ја издвојам онаа од која започна сè. Тоа е улогата на Бисера во „Демонот од Дебар Маало” од Горан Стефановски во режија на Слободан Унковски. Се радувам на секој процес, посебно кога треба да влезам во чевли тотално не налик на моите. Го сакам, барам и уживам во моментот на оној личен ментален стреч кој секоја улога го носи, во гледањето на светот со други очи. Во разбирањето и соочувањето со проблемот поинаку од она што јас го знам како свое. Во бранењето на вистината, во давењето глас на безгласните, во јакнење на емпатијата. Понекогаш ќе се запрашам дали имам право на сето тоа, а публиката е таа која барем до сега го оправдувала тој мој позив. Им благодарам на секоја укажана поддршка.

Живееш во Загреб, работиш и патуваш постојано. Што значи ова за твоите пријателства?

- Сѐ има свој данок, па така и номадскиот живот. Лажните пријателства благодарение на дистанцата сами се исчистија, а вистинските останаа вистински, барем во мојот случај. Не секогаш поради обврските го добивам посакуваното време со нив кога сум во Македонија, но го давам својот максимум во личната организација да успевам во тоа. Во Загреб исто така имам свој круг на пријатели и немам чувство дека сум сама. Она што ништо не може да го замени се моите родители и фамилијата на брат ми кои неизмерно ми недостигаат. Но, колку и некогаш да е тешко сакам да верувам дека секој од нас со причина е таму каде што е. Така ми е полесно.

Јелена Јованова-Периќ Јелена Јованова-Периќ

Како се разликува модата во Загреб од модата во Скопје? Дали се смени и твојот стил на облекување кога се пресели во Загреб? Што најмногу сметаш дека влијае на твојот стил на облекување?

- Не гледам значајна дискрапанца помеѓу модата во Загреб и онаа во Скопје. Она што јас уште повеќе го прегрнав овде е опуштеноста и слободата во изборот на истата. Денот, приликата, расположението се оние што најмногу диктираат како ќе излезам од дома.

Јелена Јованова-Периќ Јелена Јованова-Периќ

Како би го опишала твојот стил на облекување? Кое парче сметаш дека секоја девојка/жена мора да го поседува?

- Веројатно тоа подобро и поточно би го издефинирал некој друг. Она што јас можам да го ставам во опис е спонтан, опуштен и во склад со приликите или пак неприликите. Знам некогаш да се „намонтирам” (што би рекле Загрепчани) кога не се чувствувам најдобро. Тогаш аутфитот станува и мала ментална терапија. Ормарот ми е поприлично досаден со црни, бели и сиви парчиња на облека. Бојата ја сакам, но најчесто кај некој друг. Љубител сум на остри, строги и чисти кроеви. Без парфем се осеќам некомлетирано. Со глава на раменици и свесна за она што е, секоја жена знае што најдобро и прилега и лесно доаѓа до она што треба да го поседува како облека.

Јелена Јованова-Периќ Јелена Јованова-Периќ

Што ти дава самодоверба? Што те плаши приватно и професионално?

- Самодоверба, храброст, сила. Пакет кој го добивам кога трезвено ќе се соочам и го прифатам сѐ она низ што поминувам (добро и лошо) и поодлучно продолжувам напред. Самотија е веројатно најздружена со мојот страв. Се трудам да го трансформирам. Некогаш успешно, некогаш не.

Кажи ни нешто повеќе за твојот следен проект?

- Два долгометражни филма и две серии се она на што миговно работам во процес на пред продукција. За што точно станува збор сè уште немам зелено светло за споделување. Кога тоа ќе се случи, со задоволство би седнале на нов возбудлив муабет.

Модел: Јелена Јовановa-Периќ

Облека: Марела

Фотографии: Јована Зука

Стајлинг: Јована Зука

Коса: Даниел Артевски (Beauty Hub 202)

Шминка: Васе Доковски (Beauty Hub 202)

Локација: Музеј за електрична енергија на ЕВН - Изложбен Центар Матка

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10515 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.