Бенхамин Рохас, Камила Бордонаба и Фелипе Коломбо одржаа незаборавен концерт во Буенос Аирес, во рамките на нивната турнеја „Juntos Otra Vez Tour“, која го слави музичкото наследство на групата Erreway.
Актерите, кои во „Млади бунтовници“ ги имаа улогите на Пабло, Марица и Мануел ги поканија останатите актери од тинејџерската серија да им се придружат на сцената. Меѓу оние кои ја пееја „Resistiré“ со нив беа Анхелес Балбијани (Фели), Катерин Фулоп (Соња Реј), Мартин Сефелд (Франко Колучи), Бој Олми (Серхио Бустаманте), Фернан Мирас (Сантјаго Мансиља), Хорхе Маџо (Томас), Михаела Васкез (Пилар), Пиру Саез (Роко) и Диего Месаљо (Гвидо).





Сите тие преку социјалните мрежи се заблагодарија за можноста да бидат дел од шоуто и да настапуваат пред аргентинската публика, која ги дочека со громогласни аплаузи.
„Ви благодариме што ни се придруживте на ова обединување кое го чекавме толку долго. Ова беше неверојатна ноќ, полна со емоции и носталгија“ – стои на профилот на турнејата, „Erreway Tour 2025“.










Турнејата „Juntos Otra Vez Tour“ на тројца од главните протагонисти и оригиналните членови на бендот Erreway започна на крајот од март. Луисана Лопилато (Миа Колучи), која беше четврт член на бендот, не им се придружи поради работни обврски.