Памела Андерсон по шести пат се заколна на вечна љубов. 53-годишната ѕвезда се омажи за Ден Хејхурст на интимна церемонија во Канада, а фотографиите ги сподели за Daily Mail.
„Заљубена сум. Се венчавме на Бадник со благослов на двете наши семејства, сите кои ги познаваме се среќни за нас. Се омажив на имотот кој го купив од моите баба и дедо пред 25 години. Тука се венчаа моите родители и тие сè уште се заедно. Се чувствувам како да затворив цел круг“ – рекла таа.

Свадбениот аутфит на Андерсон вклучуваше здолниште тип „Пепелашка“ од Џоана Дилејни, корсет и превез од модната куќа Валентино. Памела зачекори во шестиот брак во гумени чизми од брендот Hunter.




„Таму сум каде што треба да бидам – во рацете на мажот кој навистина ме сака“ – изјавила таа и открила дека се заљубила во нејзиниот телохранител за време на карантинот поради коронавирусот.








Памела претходно го имаше кажано судбоносното „ДА“ пет пати. Првиот брак со Томи Ли траеше 3 години, накратко беше во брачна заедница со Кид Рок, а во два наврати се омажи за Рик Соломон. Минатата година, се венча за Џон Питерс со кого беше во врска и пред 30 години, но бракот беше анулиран.
Популарниот модел објави и дека целосно се повлекува од социјалните мрежи.