Дајан Китон почина вчера на 79 години во Калифорнија.
„Нема да бидат објавени повеќе детали засега и нејзиното семејство бара да им се почитува приватноста во овој момент на длабока тага“ – изјавил претставник на семејството за странските медиуми.
Близок на холивудската ѕвезда рекол дека до последните мигови таа била своја и духовита: „Таа живееше точно како што сакаше, по свои правила, опкружена со луѓето и предметите кои ги сакаше... Беше смешна до самиот крај“.


Китон се прослави со улогата на Кеј Адамс во филмовите „The Godfather“. Низ децениите, блескаше во низа незаборавни остварувања како „Manhattan“ (1979), „Reds“ (1981), „Baby Boom“ (1987), „Father of the Bride“ (1991) и „Something’s Gotta Give“ (2003).
Во 1977 година, Китон ја доби главната улога во филмот „Annie Hall“ на Вуди Ален. За таа улога освои Оскар за најдобра актерка. Гардеробата на главниот лик Ани го одразуваше личниот стил на Китон, со машки костуми, елеци и структурирани панталони. И токму овој филм ја зацементира нејзината позиција како модна икона.
Многумина шпекулираа дека филмот е базиран на врската меѓу Китон и Ален. Коментирајќи ги гласините, за The New York Times таа изјави: „Не е точно, но има елементи на вистина во тоа.“



Китон посвои две деца – ќерката Декстер и синот Лук. „Мајчинството не беше потреба на која не можев да одолеам, повеќе беше како мисла која ми беше на ум подолго време, па влегов во него“ – изјави таа.
Со својот уникатен стил и харизма, таа останува еден од најпрепознатливите и највлијателни женски ликови во историјата на филмот.


