Почетна » Новости » Актуелно » Ангела, која истрча 5км со ќеркичката на грбот на Скопскиот маратон: „Навиваше мамаааа, а на крајот се пожали дека неа ја болеле нозете“

Ангела, која истрча 5км со ќеркичката на грбот на Скопскиот маратон: „Навиваше мамаааа, а на крајот се пожали дека неа ја болеле нозете“

Во морето од тркачи, меѓу потта и адреналинот, едно дуо ги стопли срцата на сите на Скопскиот маратон. Мајка трчаше со малата ќеркичка на грбот, претворајќи ја трката во вистинска лекција за љубов и посветеност.

Ангела Гелинческа, професорка по физичко образование, спорт и здравје, истрча 5 километри со 3-годишната Луна на грбот со искра во очите и жар во срцето кои се позначајни од секој медал.

Ангела Гелинческа Ангела Гелинческа

Познатата фитнес инструкторка, која е четирикратен државен фитнес шампион, трчаше за да го одржи ветувањето кон нејзината наследничка и да создаде спомени кои ќе останат живи во двете нив засекогаш.

Во разговор за Femina.mk, таа ни откри како петте километри поминале исполнети со љубов, пот, смеа, песни и бодрење.

Што те инспирираше да трчаш со малата ќеркичка на грб? Како реагираше Луна на идејата да трчате заедно?

- Луна од бебе, од 10 дена после породување, е растена во теретана, бидејќи јас сум персонален и групен тренер. За време на тренинзи, кога се спремам за натпревари, на планинарење или која било друга активност, таа е со мене. Оваа беше моја четврта трка, а Луна на претходните три отстрана навиваше за мене. Кога истрчав, ми кажа дека и таа сакала да трча како мама и мама ѝ вети дека на наредната трка ќе трчаме заедно. Знаејќи дека 5 км се многу за девојче од 3 години и 4 месеци, единствено решение беше да ја земам во ранецот за планинарење, да го одржам ветеното и да создаваме мемории.

Кога станавме да се спремаме за трката, Луна беше превозбудена и само прашуваше како и каде ќе трчаме, дали ќе има многу луѓе и дали ќе има други дади и батковци што ќе трчаат со неа 😀.

Во фантастична физичка форма си и вежбањето ти е секојдневие. Дали за маратонот се подготвуваше со посебни тренинзи со оглед на тежината која требаше да ја носиш на себе?

- Јас целиот мој живот сум спортиста и сум 4-кратен државен шампион во фитнес и за среќа, во 99% од времето сум спремна и имам кондиција. Јас со моите 75кг, Луна со нејзините 15кг и ранецот кој тежи 3кг беше прилично напорно, (јас што викам исто како 21км да сум трчала 😂), ама со такво друштво, мотив и бодрење од другите околу нас, нема откажување.

Ангела Гелинческа Ангела Гелинческа

За време на маратонот, како се однесуваше Луна? Беше ли нетрпелива, те бодреше ли?

- Луна беше возбудена ден пред маратонот. Утрото превозбудена, на стартна линија почна со навивање „мамааа, мамааа“, па ми раскажуваше приказна за „Тежана“ (Снежана), па сакаше дури трчам да играме „јис, камен и ножици”, пееше „сигма боиЦ“ и при крајот се пожали дека неа ја болеле нозете од трчањето 😂

Што би ѝ порачала на мајките кои сакаат да ги вклучат дечињата во нивните физички активности?

- Како професор по физичко образование, спорт и здравје и пред сѐ како мајка, би сакала сите родители што повеќе да се ангажираат во физичките активности со нивните дечиња. Ние мора да бидеме пример за нив, за да растеме здрава идна генерација! Баталете ги телефоните, детето за рака и дајте им здрава навика, здрав пат за здрав живот. Само телото ни е единствен дом за кој треба да се грижиме. А и ќе имаат мемории со вас за кога ќе пораснат, дајте им животни искуства. 😀

Ангела Гелинческа

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 29592 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.