Дигиталната обработка на фотографиите за списанијата не е новост. Но, обично манекенките и славните личности се на „Фотошоп диета“, т.е. придобиваат послаба фигура.
Најновиот Фотошоп скандал всушност е поради обратното – преслаба манекенка доби малку мевце на стомакот.
На скандалозната фотографија популарната Карли Клос е фотографирана топлес со подигнати раце. Оригиналната фотографија, која беше објавена од самиот фотограф Грег Кадел, ги покажува сите ребра на 20-годишната Клос. Но, на фотографијата наменета за печатеното издание на списанието „Numéro“, ребрата на привлечната манекенка се „измазнети“.

Веројатно уредниците на списанието не сакале да се крене скандал каков што пред неколку месеци предизвика „Вог“ Италија, повторно со фотографија од Карли Клос. Тогаш списанието беше обвинето дека поддржува нездрав изглед. Откако фотографијата од Карли заврши на сајтови и блогови на кои девојките се поддржуваат меѓу себе за да негуваат анорексичен изглед, фотографијата беше избришана од „Вог“.

Карли Клос е една од најпопуларните манекенки во моментов.







