По екстремно успешната година, Тејлор Свифт е прогласена за Личност на годината од страна на списанието TIME.
33-годишната музичарка, која руши рекорди со својата турнеја „Eras“, сними фотосесија и зборуваше за својот живот и новата романса во која е пресреќна. Ова за неа е најсреќниот и најгордиот момент во животот, како што самата изјави во интервјуто.



И разбирливо е зошто е тоа така. Каде и да се појави, Свифт предизвикува мини бум во економијата. Фановите се „борат“ за да стигнат до билети за нејзините концерти, а секој ресторан и секој хотел каде што престојува, доживува зголемување на профитот. Има најмалку 10 предмети на колеџите, вклучително и на Харвард, посветени на неа.
Наградата Личност на годината им се доделува на личностите кои имале најголемо влијание во глобалните случувања во годината којашто изминува.



Годината која изминува беше успешна за Тејлор и на љубовен план. Таа ја започна врската со играчот на американски фудбал Тревис Келси и е видно среќна во неа. Нивната романса пред јавноста беше откриена откако таа беше фотографирана како навива за него на натпревар, но сега откри дека нивната врска започнала претходно.

„Поминавме значително време заедно за кое никој не знаеше и сум благодарна за тоа, бидејќи имавме можност да се запознаеме еден со друг. Кога се појавив на тој прв натпревар, ние веќе бевме пар. Кога велите дека врската е јавна, тоа значи дека одам да го гледам додека го прави она што го сака, дека сме таму еден за друг, други луѓе се таму, но не ни е гајле... Горди сме еден на друг.“
„Никогаш не сум била толку горда и среќна, сега сум креативно најисполнета и слободна“ – вели Тејлор.



