Солзи, силни емоции, носталгија, македонски евергрини... Ревијалната вечер на „Макфест 2025“ беше омаж на безвременските композиции што ја дефинираа македонската музика и врати на сцената музичари кои со искрено задоволство испеаја некои од своите најголеми хитови, а присутните не се штедеа со аплаузи.
Публиката пееше во еден здив со Трајче Манев и неговата „Осамен“, се потсети на „Признавам“ во изведба на Росана, ја почувствува носталгијата во „Самба во Штип“ на Питер Џон Босе и ја испрати со аплауз емотивната „Ангели ме носат“ на Силви Бенд.
Олгица Христовска ја оживеа „Свирете ја зајди, зајди“, Сашо Гигов - Гиш ја испеа „Моја гитара“, а Мики Јовановски - Џафер не остави никого рамнодушен со „Сонце за три светови“.
Кога на сцената се појави Владо Јаневски и ја запеа „Еден бакнеж“, публиката се претвори во хор и уживаше до последна нота.
Одушевија и Тања Кочовска со „Твоите очи сине“, Коки Јанков со „Виолина и гитара“, Ристо Самарџиев со „Таму кај што си“, Јован Јованов и Маја Саздановска со „Магија“ и „Ти ме сакаш знам“, Ламбе Алабаковски со „Не планирам“, како и младите Пајак и Лара со модерниот хит „Бела“, кој е доказ дека фестивалот продолжува да инспирира нови генерации уметници.
За време на манифестацијата, беа доделени плакети на уметничките директори кои низ годините го обликуваа фестивалот, т.е. имиња што остануваат врежани во неговата историја, од Кирил Милев до Роберт Саздов.
Посебно признание му беше врачено на основачот на фестивалот, Стојан Троицки, кој видно растреперен не успеа да ги задржи солзите.
Јубилејното 40. издание на „Макфест“ се одржа под мотото „40 години гласот на генерациите“.
Фото: Дејан Коцев / Femina.mk
