Шенон Доерти со сите сили се бори за својот живот. Ѕвездата од серијата „Беверли Хилс 90210“ отворено зборуваше за ужасните моменти низ кои поминува додека води тешка битка со ракот.
За списанието People, славната актерка сними фотосесија и видео интервју во кое откри дека ракот ѝ се проширил на коските.

Нејзината борба започна во 2015 година, кога ѝ бил дијагностициран инвазивен рак на дојка кој метастазирал барем на една лимфна жлезда. По бројни хемотерапии, губење на косата и енергијата, Шенон во април 2017 година сподели дека ракот бил во ремисија.
За жал, тоа не било нејзино збогување со болеста. Во 2019 година, 52-годишната актерка откри дека ракот на дојка повторно се вратил, но овојпат бил во четврт стадиум.
Низ годините, Шенон споделуваше трогателни фотографии од губењето на косата и примањето на терапиите. На почетокот на оваа година таа откри дека болеста се прошири и дека разви метастази на мозокот, а сега ги зафати и нејзините коски.
„Ракот во четврт стадиум се прошири на моите коски. Јас го гледам како видеоиграта Pac-Man. Каде, знаете, тие навлегуваат во твоите коски. Но, сега сме на многу добар режим кој добро ми делува. Па, продолжувам ден по ден, месец по месец, година по година.“
„Во јануари дознав дека имам метастази во мозокот, па моравме да направивме зрачење на мозокот и отстранивме еден од туморите за да му биде направена биопсија. А потоа, морав повторно да направам зрачење. Беше патување, дефинитивно едно од најстрашните нешта низ кои имам поминато во целиот живот“ – признава Доерти.

„По операцијата, не можев да држам чаша во десната рака. Тоа е поврзано со стероидите кои ти ги даваат за да го спречат отекувањето на мозокот, а јас имам ужасна реакција на стероиди и се обидував да ги намалам. Па мозокот ќе потечеше повеќе и раката престануваше да ми функционира“ – објаснува храбрата холивудска ѕвезда.
„Верувам дека низ сè што поминуваш е со причина“ – дополнува таа.



Видео:
Покрај здравствените проблеми, во изминатите години Доерти се соочи и со сериозни проблеми во бракот. Нејзиниот сопруг поднесе документи за развод додека таа минуваше низ најтешките фази на лекувањето. Но, славната актерка е позитивна и верува дека повторно ќе најде љубов. „Нема да бидам сингл засекогаш. Прилично сум сигурна дека ќе запознам некој, со надеж што поскоро. Ова е ново за мене, до пред три недели не бев подготвена за тоа“ – вели таа.

„Не се плашам од смртта. Знам каде ќе одам. Ќе се плашев од смртта ако не бев добра личност, но сум. Не сакам да умрам, тоа е разликата. Не се плашам да умрам, туку едноставно не сакам да умрам“ – вели Шенон во интервјуто.
„Немам завршено со живеењето. Немам завршено со љубењето. Немам завршено со креирањето. Немам завршено со надежта дека ќе ги променам нештата кон подобро. Едноставно не сум готова“ – дополнува таа.





Шенон се прослави со улогата на Бренда Волш во серијата „Беверли Хилс 90210“, а подоцна и како Пру во серијата „Волшебнички“.
Доерти зборува јавно и ги споделува сите детали со надеж дека ќе помогне во подигнувањето на свеста и во собирање средства за истражување на ракот. „Лудо е што сè уште немаме лек“ – вели таа.

