Семи Капланоглу е годинешниот лауреат на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Турскиот режисер го прими признанието на синоќешното свечено отворање на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Откако битолскиот градоначалник му ја врачи наградата, Капланоглу одржа долг говор:




Кога и да се најдев на сцена, вообичаено сум кажувал само по неколку збора и брзо сум заминувал. Но, овој пат нема да биде така. Затоа што значењето на оваа награда има огромна тежина и бидејќи многумина учествуваат во неа.
Добивањето на оваа награда тука во Битола, градот на браќата Манаки – пионерите на филмот во овие краишта – не само што е огромна чест за мене, туку и вистински потсетник за бесконечното патување на филмската уметност.
За мене, филмот отсекогаш бил јазикот на светлината и сенките, на тишината и гласот, на сеќавањето и сништата. Затоа што уметноста е еден од најдлабоките патишта што придонесува кон духовниот развој на човечкото суштество. Како што рекол Јунус Емре, големиот поет-суфист на современиот турски јазик: „Знаењето е да се спознаеш“. И токму тоа е она што ни го нуди филмот: начини да се спознаеме себеси, едни со други и да ја спознаеме вистината.
На ова патување, се поклонувам полн со благодарност кон великаните чии дела ме привлекоа кон филмот – турските режисери Метин Еркасан и Омер Љутви Акад, како и Бресон и Тарковски, од кои ја научив вистината за филмот.
На мојот покоен татко, кој како дете ме воведе во светот на Микеланџело, Вермер и Рембрант, a кој и самиот беше фотограф и кој, кога имав само девет години, в раце ми даде 8-милиметарска камера.
На мајка ми, која не само што ме водеше во длабочините на турската поезија и книжевност, туку и кон великаните како Толстој и Достоевски.
А најдлабока благодарност должам на мојата сакана сопруга – писателката Лејла, мојата животна сопатничка, мојата светлина – која беше до мене во најтешките периоди, која ми даде сила кога паднав во очај, која ме поддржуваше во сите невозможни моменти, која беше моја инспирација и со која заеднички ги пишуваме нашите сценарија.
На кинематограферите со кои заедно правиме напори да ги растајниме мистериите на светлината и сенките, на човековото лице и на суштината на нештата: Хаик Киракорзијан, Озгур Екен, Бариш Озбичер и Жил Натгенс.
На гаферите, главните техничари, актерите, тимот за продукција и сите невидливи раце што на филмот му даваат живот. Моите копродуценти: Бетина Брокемпер од Германија, Гијом де Сеј и Софи Дулак од Франција, Лилет Ботаси од Инкас филм од Грција.
Како и на Генералниот директорат за филм под Министерството за култура на Република Турција, ТРТ, но и многубројните ценети институции од мојата земја и од странство како ЗДФ-АРТЕ, со кои како копродуценти реализиравме 8 филма во изминатите 25 години – и на филмските фестивали и организации како ЦНЦ (CNC), АПСА (APSA) и Светскиот фонд за филм; нашите меѓународни дистрибутери, особено „Меч фектори“ (Match Factory) и „Филмс бутик“ (Films boutique), кои моите филмови ги прикажаа пред публика во повеќе од 40 земји.
Исто така, сакам да изразам благодарност до Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и директорот Димитрија Доксевски. Оваа награда е симбол на нашиот колективен труд.
И најпосле, ја посветувам оваа награда на режисерката и фотографка Фатима Хасуна, која беше убиена од израелските сили. Ја посветувам, во нејзино име, на децата, жените и сите невини цивили во Газа кои се жртви на геноцидот.
Капланоглу





46-тото издание на Фестивалот беше отворено со филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза, на режисерката Теона Стругар Митевска.