Селин Дион ја откажа светската турнеја „Courage“ поради неизлечивата болест со која се соочува.
55-годишната музичка дива, која страда од Синдром на вкочанета личност, претходно ги одложуваше концертите, но сега објави дека е најдобро да откаже сè додека не биде подготвена да се врати на сцената.

„Жал ми е што повторно ќе ве разочарам сите. Напорно работам за да си ја вратам силата, но турнеите знаат да бидат многу тешки дури и кога си на 100%. Не е фер кон вас постојано да ги одложувам концертите и покрај тоа што срцето ми се крши, најдобро е да откажам сè сега додека навистина да бидам подготвена да се вратам на сцената. Сакам сите да знаете дека не се откажувам и дека со нетрпение чекам да ве видам сите повторно“ – напиша таа на Instagram.

Извор близок до пејачката за CNN рекол дека најверојатно таа никогаш повеќе нема да може да оди на турнеја и дека се соочува со големи болки.
Во коментарите на објавата, таа доби силна поддршка и љубов од фановите кои ја потсетија дека здравјето доаѓа на прво место и дека се молат за нејзино оздравување.

Пред неколку месеци, Дион со емотивно видео ја откри својата дијагноза. Таа со солзи во очите сподели дека има многу ретка невролошка состојба која ги претвора луѓето во живи статуи.
Синдромот на вкочанета личност е ретка невролошка болест со карактеристики на автоимуно заболување. Симптомите вклучуваат мускулни грчеви, неможност за наведнување, болка и хронична анксиозност. Мускулните грчеви можат да бидат толку силни и да доведат до изместување на зглобови и дури и кршење на коските. Пациентите може да завршат во количка или да бидат неподвижни, често не можат да работат и да се грижат за себе.
Нема лек за овој синдром, но постојат третмани кои помагаат за ублажување на симптомите.
Селин има три деца со Рене Анжелил, кој почина од рак во 2016 година.
