Дени Бејкер заработи отказ од BBC поради тоа што „твитна“ расистичка фотографија за новото кралско бебе.
61-годишниот Англичанец објави фотографија од пар кој држи за рака шимпанзо во облека и напиша „Кралското бебе ја напушта болницата“.

Неговата објава наиде на остри критики, со што ги наведе неговите претпоставени веднаш да му дадат отказ. Всушност, многумина видоа расистичка позадина во неговата објава, зашто мајката на Меган е Афроамериканка. Во своја одбрана, Дени рече дека пораката била за „привилегија и класа“, а не во расистички контекст и дека би ја искористил за кое било кралско бебе или бебе на виден политичар како Борис Џонсон.
„Би ја искористил истата глупава фотографија за кое било кралско породување или за детето на Борис Џонсон или дури и за мое дете. Тоа е смешна фотографија. Огромна грешка, со сигурност. Гротескна. Во секој случај, до Арчи, жалам другар“ - изјавил Дени.

Вчера, Меган и Хари го претставија пред светот малиот син Арчи Харисон Моунтбатен-Виндзор, а потоа заедно со нејзината мајка Дорија се сретнаа со Кралицата Елизабета.

