По шест години, нашата држава влезе во финалето на Евровизија, а сето тоа благодарение на Тамара Тодевска и нејзината песна „Proud“ (Горда).
33-годишната музичка ѕвезда синоќа настапи на втората полуфинална вечер и обезбеди пласман во финалето. Откако беа прогласени новите десет финалисти, Тамара се огласи на социјалните мрежи.
„Дечки, Супер сме сите, пресреќна сум. Ви благодарам што верувавте во мене. „Proud“ е песна за сите нас. Ова е резултат на тимската работа. Да се гордееме со себе и со луѓето околу нас. Фала ви на поддршката. Ве сакам. Ќе ве направам горди и во сабота!!!“ – напиша таа.
Пратечки вокали на Тамара се Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев.

„Сега кога малку се одморивме да си кажам - вчерашниот успех е резултат на тримесечни макотрпни подготовки и неверојатна тимска работа! Сите дишевме во еден здив!“
„Најголемо благодарам до Дарко, Роберт и Лазе. Знам дека се чудеа кога влегов во приказнава и ви благодарам за довербата. Васил, Александра и Антониа, вие вчера бевте неверојатни и се гордеам со сите вас најмногу на свет! Тамара, ти благодарам за твојата дисциплина и верба! Вчера покажа дека си ѕвезда од светски калибар! Знам колку те плукаа, колку те навредуваа ама им покажа дека нивните зборови ништо не значат ако веруваш во себе, а ти не само што веруваш во себе, туку веруваш во сите нас!“ – напиша Коста Петров, кој стои зад текстот на песната.
Тодевска во утрешното финале ќе настапи под реден број 8 и ќе се бори за победа на овогодишното издание на музичкиот натпревар.





