Ли Сун-кјун го напушти овој свет.
Јужнокорејскиот актер кој се прослави со улогата во оскаровскиот филм „Parasite“ почина на 48-годишна возраст. Тој бил пронајден мртов во автомобил во Сеул недели откако започна полициска истрага против него за употреба на дрога.

Полицијата го пронашла Ли во паркиран автомобил на улица во северен Сеул. Сè уште нема официјална потврда која била причината за неговата смрт, но некои јужнокорејски медиуми соопштија дека неговата сопруга пронашла порака слична на самоубиствено писмо.



Ли бил пријавен дека зема дрога од хостеса која тврдела дека користи кетамин и трипати бил испрашуван во полициска станица. Неговите искази биле дека хостесата му ја подметнала дрогата, а потоа го уценувала за пари. Велел дека свесно нема користено никакви дроги и барал да биде ставен на детектор за лаги за да се утврди дека ја кажува вистината.

Јужна Кореја има многу строги закони против употребата на дрога.
Филмот „Parasite“ го приреди најголемото изненадување на Оскарите во 2020 година, освојувајќи ја стауетката за Најдобар филм. Тоа беше првпат во историјата Академијата на филмски уметности и науки да му ја додели главната награда на филм од неанглиско говорно подрачје.


