Адријана Лима не дозволува негативните коментари да ја обесхрабрат да ја продолжи својата кариера во модната индустрија.
42-годишната манекенка, која со години ги носеше ангелските крилја на Victoria’s Secret, сними фотосесија за Harper’s Bazaar Арабија и самоуверено позираше во модели од врвни модни куќи.


Адријана доби многу критики за изгледот на премиерата на „The Hunger Games: The Ballad Of Songbirds & Snakes“. Коментарите поттикнаа шпекулации дека таа си имала направено естетски корекции на лицето, дека изгледа отечено и многу постаро од последното нејзино појавување на јавен настан. Таблоидите им се придружија на корисниците на социјалните мрежи во критикувањето на Лима, која подоцна сподели фотографија без шминка и напиша:
„Ова е лице на уморна мајка на една тинејџерка, две деца во предтинејџерски години, едно активно момче и едногодишно дете кое учи да оди и три кучиња. Благодарам за загриженоста“.
Лима во август минатата година го роди првото дете од врската со продуцентот Андре Лемерс. Таа има две ќерки од бракот со српскиот кошаркар Марко Јариќ, а Андре има две деца од претходна врска.
Во интервјуто за списанието, таа беше запрашана како сите овие критики влијаат на неа.
„Воопшто не ме засегнува. Така сум многу силна. Искрено, пред да се појавам, се погледнав себеси и се чувствував одлично. Бев со моите деца и тие ме гледаа и ми велеа дека изгледам убаво“ – рекла таа.
Сепак, синооката Бразилка признава дека била изненадена од тоа како изгледала на фотографиите.
„Бев шокирана кога ги видов. Тоа не бев јас. Сè беше чудно, бидејќи јас не се гледав така себеси. Сè уште не се гледам така себеси. Не се навредив или нешто, туку се смеев. Мојата поента е дека немам 16 години. Станав модел на 16 години, но никогаш повторно нема да имам 16. Имам 42 години и никогаш не сум била посреќна за мене. Ја прифаќам мојата возраст и не би се променила за никого.“
„Мојата загриженост не е за мене, туку за моите деца, бидејќи беа со мене, ме видоа и потоа излезе ова. Не сакам тие да чувствуваат притисок да изгледаат на одреден начин поради другите луѓе. Ако тоа ми го направија мене, како тие ќе се чувствуваат сигурно? Вистината е дека мислам дека никој не е безбеден, бидејќи луѓето секогаш критикуваат“ – рекла Лима.


Промените во модната индустрија и прифаќањето на модели од секаква возрасна група и големина многу ја усреќува. Таа вели дека е особено среќна што моделите сега се ценат многу подолго од порано.
„Среќна сум со промените во модната индустрија, бидејќи една од моите ќерки сака да биде модел. Бев многу тажна што таа, како модел, ќе беше ценета само одреден временски период од нејзиниот живот. Мислам дека секој период од животот е убав и ја обожавам модната индустрија што сега го прифати тоа“ – рекла Лима.

Кога е подалеку од рефлекторите, Адријана живее прилично нормален живот.
„Живеам нормален живот и го правам сето она што го прават нормалните личности. Кога си модел, луѓето си мислат дека секогаш треба да си дотерана, средена во косата, во дизајнерски алишта – тоа не сум јас. Кога одам во супермаркет или ги носам децата на училиште, луѓето ме гледаат и не се сигурни дали сум всушност јас. Се збунуваат“
„Го сакам мојот секојдневен живот, правам сè што би правела една нормална личност: ги носам децата на училиште, ги земам, одам во супермаркет, го шетам кучето... едноставни нешта и го обожавам тоа“ – вели таа.
