Почетна » Новости » Мода » ФОТО: Доделени главните награди на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“

ФОТО: Доделени главните награди на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“

Во текот на седум фестивалски дена, во рамките на 44-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ беше разоткривано „Прекрасното непознато“.

На самиот крај на фестивалот посветен на Милтон и Јанаки Манаки беа доделени главните награди.

Наградата „Златна камера 300“ ја освоија кинематограферите Џевахир Шахин и Куршат Уресин за филмот „За сувите треви“. „Би сакал прво да се заблагодарам на Браќа Манаки што нè поканија овде и за гостопримството. Сакам да му се заблагодарам и на жирито и на мојот тим со кој работевме многу напорно. Имате убава вечер, јас веќе имам“ – изјави среќниот добитник.

Браќа Манаки Браќа Манаки

„Сребрена камера 300“ заврши во рацете на Ченгма Жијуан за филмот „Само реката си тече“.

„Дојдов тука меѓу многу извонредни филмови и филмски мајстори, но јас ја добив. Благодарам“ – рече Жијуан низ насмевка.

Браќа Манаки

Паоло Карнера за филмот „Носталгија“ ја доби наградата „Бронзена камера 300“ и се заблагодари преку видео.

Браќа Манаки

Посебно признание во главната селекција му беше доделено на Наум Доксевски за филмот „Домаќинство за почетници“ со кој беше отворен фестивалот.

„Мала камера 300“ за Најдобар краткометражен филм ѝ беше доделена на Марта Симоеш, а жирито во состав Дарија Д‘Антонио, Питер Бижу, Теона Стругар Митевска, Ромен Лакурба и Доменико ла Порта му додели и посебно признание на Стефан Георгиевски за филмот „Мавера“.

„Ова е сосема неочекувано за мене, посакувам да бев таму со вас за да прославиме“ – порача Симоеш во видео обраќање.

„Ова е мотивација за нас, младата генерација филмаџии, подготвена да ги прифати сите предизвици и најважно од сè, филмот го гледа со едни искрени очи и љубов“ – рече Георгиевски, кој ја прими наградата од Питер Бижу.

Браќа Манаки

Наградата „Железна камера 300“ за Најдобар документарен филм ја освои Каролин Шампетије за филмот „Човекот во црно“, „Железна камера 300“ за краток филм доби Неритан Зинџирија за филмот „Светло на светлината“, а посебно признание му беше дадено на Тео Монтоја за „Анхел 69“.

„Пред камерата на Каролин Шемпатије, главниот протагонист, виртуозниот композитор, стои соголен и ранлив, нудејќи уникатно интензивно сведоштво. Преку мајсторското осветлување и движењето на камерата, филмот ни го прикажува портретот на овој човек во неговата целовитост, претставен во стар француски театар длабоко втопувајќи нè во внатрешниот свет на композиторот“ – изјави Тамара Котевска, која заедно со Татјана Крстевски и Самир Карахода одлучуваше за наградата „Железна камера 300“.

„Прв пат доаѓам овде и би кажала дека прекрасно е да се работи со режисери кои ни ја враќаат вербата во филмската уметност и нè тераат да одиме напред“ – порача Шампетије.

Браќа Манаки

„Кристалната камера 300“ за Најдобар студентски филм ѝ беше доделена на Хелена Фикерова, а посебно признание прими и Давид Бајерски за филмот „Воскресение“.

„Добитничката на наградата покажува импресивна вештина во контролата и користењето на природната светлина. Работејќи во рамка на пригушени тонови, оваа кинематограферка покажува високо ниво на техничка умешност со осветлувањето и користењето на објективите, вешто прикажувајќи ги променливите емоционални состојби во филмот“ – потенцираше Анастас Мичос, претседател на жирито на студентската програма.

Браќа Манаки Браќа Манаки

Специјалната награда „Камера 300“ заврши во рацете на кинематограферот Шејмус Мекгарви, а му беше доделена од страна на претседателот Стево Пендаровски.

Браќа Манаки Браќа Манаки

Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, во својот завршен говор, рече: „Во потрага по прекрасното непознато, создадовме фестивал каков што Битола и Македонија, би сакале, требале и морале да имаат. После 44 години макотрпна и трпелива работа на сите кои сме биле дел од овој фестивал и сите кои со својата работа исполниле барем еден дел од фестивалскиот мозаик, се надевам, можеме да кажеме дека ‘Браќа Манаки’ е светски фестивал кој ги чествува кинематограферите и многу важен дел од културниот идентитет на Македонија“.

Браќа Манаки Браќа Манаки

Манифестацијата ја водеше Миланка Рашиќ, која беше облечена во нежна сина миди креација од бутикот „Ермитаж“.

Браќа Манаки

Пред да бидат спуштени завесите на Фестивалот, беше прикажан македонскиот филм „Лена и Владимир“.

Фотографии: Ивона Кочов / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11928 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.