Почетна » Новости » Занимливости » Љубовта низ призмата на еден сопруг: Вистинската љубов е избор

Љубовта низ призмата на еден сопруг: Вистинската љубов е избор

Вистинските среќници барем еднаш го поминале патот од земјата до седмо небо и ја почувствувале на своја кожа еуфоријата на заљубеноста. Но, дали вистинската љубов е само еуфорично чувство кое нè обзема на почетокот од врската или избор кој постојано треба да го правиме?

Сет Адам Смит е блогер кој допира до милиони луѓе. Неговиот неодамнешен текст „Вистинската љубов е избор“ ќе ве натера да ја погледнете љубовта од нова перспектива.

Љубов

Прочитајте како изгледа љубовта низ призмата на еден сопруг:

Со мојата сопруга се познаваме уште од средно училиште, но започнавме да излегуваме многу подоцна. Се состанувавме само неколку седмици пред да сфатиме дека сме лудо вљубени и дека сакаме да стапиме во брак.

Многу го сакав тоа! Дури и предложив спонтана брза свадба во Вегас. (Сериозно.) Но, Ким беше малку попрактична за сето тоа. Таа сакаше да си дадеме доволно време за да испланираме сè.

Се чувствував поразен. „Ние сме многу различни“ – реков. „Ти сакаш да планираш, додека јас сакам спонтаност.“ Очите на Ким се ококорија. „Можам да бидам спонтана. Несомнено можам да бидам спонтана. Само ќе мораш однапред да ми кажеш кога сакаш да бидам спонтана и јас ќе го запишам во мојот планер...“ – рече таа.

Чудно ја погледнав. Таа беше сериозна! Очигледно Ким не го разбираше значењето на зборот спонтаност.

Можеби изгледа смешно, но колку повеќе мислам на овој разговор, толку повеќе сфаќам дека да планираш да сакаш некого (или да избереш да сакаш некого) е едно од најубавите нешта кај љубовта.

Велат дека вистинската љубов е безусловна приврзаност за несовршена личност.

Тоа е точно.

Кога сите пеперутки ќе одлетаат и кога свадбениот ден ќе стане само далечен спомен, ќе откриете дека стапивте во брак со некој кој е исто толку несовршен како вас. И таа личност, исто така, ќе научи дека вие имате проблеми, несигурности, тешкотии, чудни карактеристики (и телесни миризби) исто толку реални како нејзините.

Тогаш ќе сфатите дека вистинската љубов не е само еуфорично спонтано чувство. Тоа е умислен избор, план да се сакате еден со друг во добро и зло, во богатство и сиромаштија, во здравје и болест. Се разбира, вие не избирате кој ќе ве привлече, но дефинитивно избирате во кого ќе се заљубите и (што е поважно) во кого ќе останете заљубени.

Нашето општество премногу става акцент на чувствата. Нè учат дека секогаш треба да ги следиме своите чувства и да го правиме она што нè прави среќни. Но, чувствата се многу променливи и краткотрајни. Од друга страна, вистинската љубов е како поларна ѕвезда во бурите на животот; таа е постојана, сигурна и искрена. Кога и да сме изгубени или збунети, можеме да најдеме сила во љубовта која сме ја избрале.

Освен тоа, животот ионака ни нуди спонтаност во изобилство: отфрлања, губење на работата, скршено срце, разочарувања, очај, болести и куп други проблеми. Едноставно не можеме да го напуштиме бродот секогаш кога ќе наидеме на бура во нашиот брак. Вистинската љубов значи пребродување на бурите во животот заедно.

Кога баба ми беше во своите 50-ти години, ѝ беше поставена дијагноза мултиплекс склероза, дегенеративна болест која ја нарушува способноста на телото да комуницира со нервниот систем. За само неколку години баба ми ја изгуби способноста да се движи и мораше да користи инвалидска количка. Дедо ми, кој беше шеф во полиција, се пензионира две години пред планираното за да се грижи за баба. Ѝ помагаше во сè – од движење низ куќата и лекарски прегледи, до помагање со лековите и капење.

Во еден разговор за баба ми, дедо ѝ рече на мајка ми: „Ме боли кога ја гледам ваква. Знаеш, кога се зедовме, мислев дека сè ќе биде како глатка пловидба. Никогаш не помислував дека ќе треба секој ден да ѝ го менувам катетерот. Но, го правам тоа и не ми пречи, бидејќи ја сакам.“

Љубовта е многу повеќе од случајно еуфорично чувство. И вистинската љубов не е секогаш пувкава, слатка и мека. Многу почесто вистинската љубов има засукани ракави, прашина и нечистотија на рацете и капки пот на челото. Вистинската љубов бара од нас да правиме тешки нешта – да си опростуваме еден со друг, да ги поддржуваме нашите соништа, да се тешиме во моменти на тага или да се грижиме за семејството. Вистинската љубов не е лесна, ниту малку не е како свадбениот ден, но е далеку позначајна и попрекрасна.

Неодамна наидов на овој прекрасен цитат: „Никој не се вљубува по избор, туку случајно. Никој не останува вљубен случајно, туку со работа. И никој не престанува да љуби случајно, туку по избор.“

Кога и да наидеме на проблем во бракот, со мојата сопруга максимално се трудиме да ја избереме љубовта. Иако со сигурност може да се каже дека не сме совршени, љубовта која ја имаме денес е многу повистинита и многу попрекрасна од сè што некогаш сме очекувале.

Па, каква и спонтана бура да се појави на нашиот пат, јас планирам да ја сакам својата сопруга.

Ако вистински сакате некого (и ако таа личност вистински ве сака), посветете ѝ се на таа љубов и очекувајте напорна работа. Но исто така, очекувајте тоа да биде најнаградената работа во вашиот живот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11605 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.