Доколку сте од оние кои ја обожаваат природата и сакаат да бидат дел од неа, хотел во Исланд ви го нуди совршеното решение. Хотелот се состои од 5 соби сместени во проѕирни балони, лоцирани во дивината на густа шума. Името под кое е познат овој уникатен хотел е инспирирано од неповторливиот поглед кој го нуди за гостите што ќе ноќеваат под исландското небо – „5 милиони ѕвезди“.




Балоните се подигнати на дрвени платформи и лоцирани на соодветна меѓусебна далечина со цел на гостите да им се обезбеди приватност и уживање во самотијата на шумскиот амбиент. Во склоп на хотелот има уште еден објект со кој се поврзани сите балони, а во него се сместени бањите и заедничката кујна. Наспроти скромноста на заедничкиот објект, балоните се раскошни, но воедно минималистички спални соби.

Отсуството на декорации и непотребни елементи во балоните го овозможува максималното уживање во шумската тишина, ѕвезденото исландско небо, а понекогаш дури и во поларната светлина аурора бореалис. За Исланд е позната изреката „Ако не ти се допаѓа времето, почекај 5 минути“. Токму поради тоа, лежењето во топол и удобен кревет во средината на снежна шума е прекрасен начин да се ужива во визуелните и аудитивните изведби на природата: ненадејни проблесоци на сончеви зраци низ замрзнатите гранки, врнежи од снег и капки дожд кои удираат по стаклениот балон, прекрасните бои на небото при самрак и зора...





Балоните имаат специјални системи на греење и вентилација така што топлината и свежиот воздух воопшто не се проблем. Интернет не е достапен поради идејата за детоксикација од технологијата, работата и социјалните мрежи. Интересно е тоа што службата на хотелот ја крие својата точна локација. Дури откако резервацијата е направена, гостите ги добиваат точните координати. Откако ќе се појават до местото каде што можат да ги паркираат своите автомобили, се појавува службено лице кое ги пренесува до нивниот стаклен балон.





