Фотографија од брачни партнери со различна градба на телото деновиве е вирален хит на интернет затоа што пренесува моќна порака дека треба да се сакаме себеси онакви какви што сме, со сите наши стрии и „витки“.
Џасмин Овенс ја сподели фотографијата на која се држи за рака со својот фит сопруг, облечена во цветни бикини, а во текстот објасни дека конечно сфатила зошто била сакана од сопругот.
Еве го нејзиниот текст:
Во текот на годините, овој маж ја сакаше секоја облина, секоја витка и секој белег на моето тело. Никогаш не разбрав зошто! Како може да сака некој кој не е „совршен“? Како може маж кој е „роден фит“ да сака некоја како мене! Немам рамен стомак, сè ми се тресе кога одам, а кога трчам брзо нагоре по скалите, телото ми плеска!! Но, сега гледам дека имам „совршено“ тело! Секоја витка, секоја облина и секој белег се ставени на мене совршено за да нè усреќат и двајцата!!! Го сакам моето тело и конечно гледам зошто и тој го сака!!
По објавувањето на постот, Овенс започнала да добива позитивни, но и негативни и злобни коментари. Во еден од нив, корисник ја советува да престане да се посрамотува себеси и да не промовира нездрава тежина.
„Низ годините, негативната слика што ја создавав за моето тело ме спречуваше да уживам во животот со мојот сопруг и со децата, и конечно ми се смачи да се кријам од светот. Во минатото не можев да поднесам да се гледам себеси, па за мене беше голем чекор кога се осмелив да се соблечам гола и да застанам пред огледало. Оттогаш, направив чекори како купување бикини, носење на бикини на базен и на плажа и учење како да престанам да си судам себеси.“
„Кога започнаа да пристигнуваат негативни мислења и коментари, на почетокот навистина бев повредена. Но, мојот сопруг беше личноста која прва ми рече дека тоа се само мислења и дека сум премногу убава за да дозволам искомплексирани, негативни личности да влијаат врз мојот живот. Ако не беше мојот сопруг мојот поддржувач број еден и ако не ме охрабруваше да излезам и да му покажам на светот која сум, сè уште ќе се криев во мојата мала измачувачка кутија која ја нарекував моја безбедна зона“ – рекла таа во интервју.
Џасмин и нејзиниот сопруг имаат две деца.