Вчера, во Струмица се одржа емотивен и хуманитарен концерт во чест на тапанарот Ѓорги Ѓоргиев (Џоче), кој почина во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На плоштадот „Гоце Делчев“, се собраа стотици луѓе за да му оддадат почит на прерано загинатото момче кое таа кобна ноќ свиреше со бендот ДНК.
Хитот „Ако утре ме нема“ од ДНК будеше емоции кај сите присутни, меѓу кои беше и семејството на Ѓорги.
Неговата мајка Зорица напиша говор за својот покоен син, кој беше прочитан на сцената:
„Како доказ дека љубовта и спомените никогаш не завршуваат.“
„Џоко беше една сјајна ѕвезда, што дури и зборовите за опишување беа малку. Во тебе имаше една музичка искра што успеа да постигнеш многу висок успех. Со тоа, нè направи нас горди родители, да бидеме горди на тебе.“
„Човек како човек ја сака најубавата ружа што ќе ја види, ете затоа ти беше една од најубавите ружи што прерано нè напушти. Но, твоето присуство сè уште се чувствува меѓу нас. На таа ружа корените никогаш нема да се откинат. Уште чувствуваме како растеш. Твојот мирис остана, тивко нè потсеќа на љубовта што ја имаше спрема секој еден човек. Само што не знаев дека мирисот може да донесе болка. Се чувствува толку силно и боли уште посилно, но твојот лик и твојата душа денес пак ги сплотија душите на многу луѓе, пак си ти причината да се обединиме и пак силно се чувствува твојата енергија на тапанот, која е шепот по сите улици, беше и ќе остане. Отсекогаш беше сакан помеѓу луѓето и засекогаш ќе останеш во нашите срца. Те сакаме бато Џоче.“

Видеа: Струмичко / Facebook