Почетна » Семејство » Брак » 10 грешки кои жените ги прават во бракот

10 грешки кои жените ги прават во бракот

Долгогодишните бракови ниту оддалеку не наликуваат на еуфоричните тинејџерски врски. За секоја жена промената на статусот од „во врска“ во „омажена“ е предизвик. Додека на едни тоа им оди од рака, други влегуваат од една грешка во друга и не успеваат да се справат со задачата градење на здрав и среќен брак.

Брачна кавгаБракот е предизвик со кој некои парови се справуваат подобро од други

Еве неколку од грешките кои жените ги прават откако ќе стапат во брак, а често водат до расклатување на основите врз кои е граден истиот:

  1. Се откажуваат од сопственото ЈАС. Возрасните се самостојни личности со изградени цврсти ставови и погледи кон светот (најчесто). Дел од жените го побиваат ова тврдење веднаш штом ќе го изговорат судбоносното „Да“. Тие фрлаат во вода сè што граделе со години и лесно им се потчинуваат на своите сопрузи. Ставајќи ја престилката на себе, најголем дел од времето го минуваат во кујната и околу децата, а нивното мислење речиси секогаш останува неслушнато. Функционирајќи на принципот „Сè за него“, тие го губат статусот на еднаков партнер во бракот и стануваат само марионетка.
  2. Се обидуваат по секоја цена да ги разделат домашните обврски фифти-фифти со сопругот. „Во секое модерно семејство сопругот еднакво учествува во исполнувањето на домашните обврски“ – некои жени ова тврдење си го сфаќаат здраво за готово и често, дури и вештачки, се обидуваат да ги разделат на половина домашните обврски со својот партнер. „Јас направив ручек, сега ти измиј ги садовите“ или „Јас ги зедов децата од училиште, утре е твој ред“ – оваа „игра“ на постојано пишување поени и израмнување на напорите најчесто е исцрпувачка, па резултатот од неа често е негативен.
  3. Го ставаат сексот на последно место. Многу жени имаат главоболка навечер, не се расположени или едноставно се уморни 360 дена во годината. Но, само кога станува збор за секс. За нив сексуалните односи не се на листата со приоритети. Без разлика кој е нивниот изговор – децата, сметките, секојдневниот стрес, домашните обврски – за мажите тој речиси никогаш не звучи логично. Мажите го обожаваат сексот. За нив тој е начин за емоционално поврзување со своите партнерки и сметаат дека без него бракот ја губи интимноста, што и не е далеку од вистината.
  4. Го занемаруваат својот надворешен изглед. Надворешниот изглед можеби не е пресуден во бракот, но факт е дека е многу важен. За жал, многу жени погрешно веруваат во популарните изјави „На мојот сопруг не му е важен мојот изглед“, „Мојот сопруг ме сака без оглед на тоа како изгледам“ итн. Тука не станува збор за љубов, туку за привлечност. Ако вашиот сопруг не чувствува привлечност кон вас, ќе настрада вашиот сексуален живот, а со тоа и вашите хармонични односи. Во најлош случај, тој може да го побара на друго место она што не го добива од вас. Не заборавајте, во секоја жена се крие неодолива заводничка, потребен е само мал напор за таа да излезе на површина.
  5. Имаат нејасни очекувања за иднината и немаат никакви заеднички планови со партнерот. Многу бракови функционираат на принципот „како ќе дувне ветрот“. Жените лутаат, надевајќи се дека нивните очекувања за бракот се поклопуваат со очекувањата на сопругот. Тие ги избегнуваат сериозните разговори, како плановите за место за живеење, проширување на семејството и финансиите, т.е. го избегнуваат кроењето на плановите за иднината. Па, стабилноста на овие бракови е тестирана секогаш кога треба да се донесе посериозна одлука. Успешните бракови не се движат по некаков замислен природен тек. Тие се базираат на компромисни одлуки донесени од страна на двата партнери.
  6. Постојано се жалат и самосожалуваат. Сигурно познавате барем неколку жени чија главна преокупација е жалењето и кукањето. Но, синдромот на самосожалување најчесто предизвикува одбивност кај мажите и има негативен ефект. „Леле, пукнав од чистење“, „Цел ден стојам на нозе“, „Аман веќе, сè стои на мој грб“, „Постојано само јас трчам по децата“... Наместо да привлечат внимание и да добијат признание за нивната напорна работа, жените со ваква навика најчесто се игнорирани од страна на нивните сопрузи.
  7. Ја користат тишината како сојузник. Една од грешките кои жените ги прават е што изреката „Молчењето е злато“ си ја сфаќаат буквално. Вистината е дека кога тишината е женски сојузник, проблемите никогаш не го наоѓаат своето решение.
  8. Не знаат да прекинат со зборување и да слушаат. Факт е дека жените повеќе зборуваат од мажите. Но, некои жени зборуваат непрекинато. За нив не постојат правила за фер расправии – отвораат одамна затворени теми, обвинуваат, користат навредливи зборови. Нивната уста е како експресна машина и ништо не може да ги запре. Не знаат да направат пауза и да слушаат, па и никогаш не му даваат можност на партнерот да дојде до збор, а нерешените проблеми само се трупаат и оставаат црни дупки во брачните односи.
  9. Се борат како со мечка да докажат дека секогаш се во право. Не постои човек кој секогаш е во право. Но, често кај претставничките од понежниот пол се појавува синдромот „Јас знам сè“. Жените кои страдаат од оваа „зараза“ се стремат по секоја цена да го кажат последниот збор, не сфаќајќи дека на тој начин можеби краткотрајно излегуваат како победници, но губат на долги патеки.
  10. Го бришат зборот „Извини“ од нивниот речник. Жените не се безгрешни, но често се однесуваат како да се. За многу претставнички на понежниот пол „Извини“ е најтешкиот збор, затоа што неговото изговарање би значело да признаат дека не се во право и би ја нарушило нивната гордост. Факт е дека сите правиме грешки, но не сите имаме храброст да си ги признаеме истите и да се извиниме.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11147 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.