Болните дечиња кои се принудени да користат количка често се соочуваат со пречки во дружењето со своите врсници. Со цел да им овозможат рамноправна забава со останатите деца за Ноќта на вештерките, вработени и волонтери во болница за детски заболувања во Јута ги претворија количките на 21 млад пациент во забавни маски.


Директорот на болницата, Мет Ловел, добил идеја за ваква акција откако слушнал како родители на болни дечиња се жалат дека не можат да изработат интересни маски кои вклучуваат и количка. Идејата за првпат била реализирана минатата година, кога биле направени само 6 маски. Годинава вработени и волонтери направиле 21 маска.


Родителите на децата исто така учествувале во процесот на изработка на маските, а децата биле пресреќни додека ги гледале подготовките за Ноќта на вештерките. „Овие деца се толку храбри. Имаат поминато низ толку многу во нивните млади животи и беше прекрасно чувство да се видат толку возбудени и да се знае дека ќе се забавуваат исто како и другите деца кои немаат вакви тешкотии. Децата само сакаат да бидат деца. Кое дете не сака кул костим кога оди да собира слатки за Халовин?“ – вели Ландон ДеГармо, еден од болничарите кои учествуваа во акцијата.












