Марија Филиповиќ од Србија е вистинска инспирација и доказ дека она што не нè убива, навистина нè прави посилни.
15-годишната тинејџерка ја изгуби ногата поради рак на 6-годишна возраст, но не дозволи тоа да ја спречи да блесне на својата полуматура. Како знак на победа, Марија гордо ја истакна својата протеза во кратко розово фустанче и доби само комплименти и поддршка.

„Мал матурант, а голем борец. Марија, нашето излекувано дете. Чекори храбро и понатаму драга наша девојко. Ваквите фотографии и нивната насмевка се посебни за сите нас, затоа што добро се сеќаваме на малата Марија кога ја водеше најголемата животна битка. Времето брзо минува и кога ќе ги видиме во нивните важни животни моменти, не постои поголема милина, затоа што тоа е нова потврда дека вреди, дека треба и мораме да се бориме“ – стои во описот на фотографијата од Марија.


Како што пренесува српскиот Kurir, Марија имала само 6 години кога ѝ бил дијагностициран сарком неколку месеци откако почувствувала силни болки во петицата.
„Тогаш започна нашата борба за животот на Марија и ништо повеќе не беше исто. Од првиот ден, таа повеќе не смееше да се потпре на ногата. Беше врзана за креветот, па за штеките... Сè беше многу тешко“ – рекла нејзината мајка.


Марија храбро ги поднесла хемотерапиите, но потоа дошол најголемиот удар за неа - веста дека ногата мора да ѝ биде ампутирана.
„Беше многу тешко, немам друг збор. Морници ми поминуваат само кога ќе се сетам на тоа. Ми требаа година дена за да ми се навикнат очите на таа глетка. Секое утро кога ќе ја отскриев, мислев дека некако магично нејзината нога повторно ќе биде тука. Таа сè поднесе храбро“ – рекла мајка ѝ.


Плановите на Марија се да се запише во гимназија, а потоа да продолжи да студира медицина. Храбрата девојка сака да живее во Белград и таму да започне ново поглавје од својот живот.

