Почетна » Новости » Занимливости » Мајка со искрено писмо: „Што се случи со едноставните детски роденденски забави?“

Мајка со искрено писмо: „Што се случи со едноставните детски роденденски забави?“

Поттикната од скапите забави за детските родендени кои излегуваат од контрола, блогерка напиша писмо со кое цели да ги инспирира родителите повторно да ги вратат во мода едноставните детски забави.

Кејт Кејси, која е мајка на четири деца, потенцира дека на малите дечиња им требаат едноставни играчки и занимации за да се забавуваат на специјалните прослави и дека трошењето на мало богатство е сосем непотребно.

роденден

Загрижена сум за сите нас. Сметам дека детските роденденски забави излегуваат од контрола и знам дека веројатно се согласувате.

Поедноставни времиња

Во 1982 година имав роденденска забава во мојот дом, неколку другарчиња дојдоа за ручек. Носевме хартиени капи и ги дувавме моите свеќи. Отворив неколку подароци и потоа сите си отидоа дома.

Тоа беа поедноставни времиња.

Надвор од контрола

Пред три недели отидов на роденденска забава на 5-годишно дете во игротека полна со огромни надуени балони и соба за забава. Во неа се појавија две актерки облечени како Ана и Елза од филмот „Frozen“. Тие изведоа неколку песни а капела. Масата беше преполна со торбички со закуски со монограми, чинии и прибор во координирани бои и маса со десерти која може да му конкурира на натпревар на „Food Network“.

Сум била на безброј забави каде роденденската торта на 4-годишно дете изгледа подобро од мојата свадбена торта. Моите деца имаат уживано во бројни прослави кои вклучувале боја за цртање на лицето, човек кој прави балони и во некои случаи диџеј.

Дали ова е навистина неопходно?

Што ако?

Дали навистина роденденот на вашето дете е поспецијален ако децата јаваат пони низ дворот? Дали нивните другарчиња ќе уживаат во забава во дворот ако вклучува само правење на балончиња, а не презентација од Хан Соло и Дарт Вејдер од „Војна на ѕвездите“? (Мојот син за малку ќе добиеше паничен напад кога Дарт Вејдер го праша за темната страна, додека беа на роденденска забава кај другарче).

Дали мора да минеме неколку недели на Pinterest истражувајќи тематски забави? Дали ќе направи разлика ако децата немаат персонализирани наметки и магично стапче?

И јас сум виновна

И јас сум виновна како и сите други. Во изминатите години се притресував дали сум ја избрала правилната кеса за грицки и чоколатца, сè дури не се свестив дека тоа е знак за благодарност за присуството, а не подарок за номиниран за Оскар. Сфатив дека другарчињата на моите ќерки и син нема да се грижат дали јас ќе им понудам увезено сирење и безглутенски крекери и концерт во живо од натпреварувач на „American Idol“.

Тоа што најмногу ги возбудува моите деца е кршењето на пињата полна со евтини играчки. Тие сакаат да ги земаат празните ролни од украсна хартија и да се преправаат дека се мечови. На повеќето од нивните другарчиња никогаш не им текнува да земат од кесичките со закуски, бидејќи веќе консумирале доволно пица и торта.

Дали ние треба да трошиме стотици долари за детето да може да го покани секое другарче кое го има запознаено? Дали тие го ценат времето потрошено за да ги направите тие сендвичи без корка и чинии со органско овошје? Дали тие некогаш ќе се сетат дека вие сте обезбедиле воз да ги вози низ соседството?

Тие треба да дојдат за ручек, да дуваат свеќи, да отворат неколку подароци и потоа да си заминат дома.

Зарем не?

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11940 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.