Почетна » Новости » Занимливости » За мајчинството: „Требаше да ме предупредат...“

За мајчинството: „Требаше да ме предупредат...“

Мајка сте или имате блиска личност која била на деветмесечно трудничко „патување“ пред вашите очи? Тогаш најверојатно одблиску сте се запознале со феноменот „добивање совети од секого, секаде“.

Идните мајки често се соочуваат со непосакувани совети и приказни кои доаѓаат од сите страни. Но, додека луѓето вешто ги потенцираат негативните страни на мајчинството, забораваат да ги споделат прекрасните моменти кои доаѓаат со него.

Џени Студенрот Герсон е мајка и блогерка која во популарниот текст „Требаше да ме предупредат“ го споделува своето искуство за предупредувањата кои ги добивала во бременоста и колку тие биле различни од реалноста со која се соочила откако станала мајка. Откријте ја прекрасната страна на мајчинството преку текстот на Џени.

Кога бев бремена, сите ме предупредуваа за она што следи. Предупредувањата долетуваа до мене од секој агол...

Џени со ќерка си

„Уживај со сопругот сега. Откако ќе се породиш, ќе бидеш толку преокупирана со бебето, што нема да поминуваш време насамо со саканиот!“.Инвестирај во сладок едноделен костим за капење за следното лето, бидејќи твоето тело никогаш нема да биде исто.“ Уште ПОЛОШ е советот кој го добив од една од моите докторки кога го споделив со неа стравот дека нема повеќе да бидам секси во очите на мојот маж: „Сега ќе ослабиш, но по второто дете, заборави на слабеењето. Тогаш ќе бидеш толку уморна, што нема ни да се грижиш за тоа.“

А мојот омилен совет е „Спиј додека сè уште можеш“ (како и „Уживај во тишината!“, „Направи си ги ноктите сега, бидејќи во блиска иднина нема да се занимаваш со тоа“ или стариот добар совет „Никогаш нема да имаш време за туширање“). Но, заедно со сите овие страшни предупредувања кои ме натераа да се почувствувам како да доаѓа крајот на светот, заборавија да ме предупредат за она што навистина ме очекуваше.

Требаше да ме предупредат дека по сите тие часови со породилни болки, срцето ќе ми излезе од градите и ќе пукне од среќа кога првпат ќе го здогледам нејзиното лице.

Требаше да ме предупредат дека плачењето од среќа навистина постои и дека тоа е нешто што не можеш да го контролираш кога си мајка којашто ја држи убавината во своите раце. За такви ситуации, добро е постојано да имаш марамчиња на дофат и да си купиш водоотпорен ајлајнер.

Џени со ќерка си

Требаше да ме предупредат дека толку многу ќе го засакам својот сопруг откако ќе стане татко, што нема да се сеќавам како сум го сакала претходно. Дека ќе имаме предизвици и кавги, најчесто препирања, но и дека ќе смислуваме будалести начини за да поминуваме повеќе време заедно, како возење низ градот додека нашето бебе спие на задното седиште. Дека ќе измислуваме смешни имиња за неа и ќе се смееме до солзи за нив. Дека тој конечно ќе научи дека во куќата треба да има вино во кое било време за мене и дека тоа ќе е најромантичниот гест. Дека додека ѝ ја менува пелената ќе го слушнам како ѝ вели „Јас сум тато. Та-То. Првиот збор ќе ти биде тато“, а моето срце ќе се растопи.

Џени со ќерка си

Требаше да ме предупредат дека здравата исхрана и нормалните порции ќе создадат доволно од хранливото млеко кое ѝ е потребно на мојата ќерка за да расте. Дека на почетокот воопшто нема ни да сакам да бидам на диета. Дека ќе бидам погорда отсекогаш кога на прегледот ќе слушнам дека таа доволно ја зголемила својата тежина. Дека ќе бидам опседната единствено со нејзината тежина. Дека шест недели по породувањето ќе се вратам во старите фармерки, но дека ќе ми биде толку удобно во хеланки, што нема ни да сакам вистински панталони. И дека сопругот ќе ми кажува дека сум секси. Многу често и многу уверливо.

Требаше да ме предупредат дека и покрај истоштеноста, ќе ме исполнува со задоволство тоа што се грижам за неа и за нејзините потреби. Дека ќе ја ценам меката тишина кога со неа ќе бидеме будни во 4 наутро додека ја дојам и дека ќе плачам зашто таквите денови се броени.

Џени со ќерка си

Требаше да ме предупредат дека ќе ми се скрши срцето кога таа ќе започне да ја надраснува облеката за новороденчиња. Дека ќе има денови кога со часови ќе зјапам во неа, без да се грижам за други обврски и преминати крајни рокови. Дека нејзиниот плач и врисоците нема да ме полудуваат, туку ќе ме поттикнуваат да преземам нешто и дека откако ќе ја смирам и успокојам, ќе се чувствувам како рок-ѕвезда. Дека ќе спијам, иако можеби не секоја вечер и не многу часа по ред. Дека мојата најголема грижа поврзана со спиењето ќе биде породена од стравот да не биде последен пат што таа заспива на моите гради. Дека грижата за неа ќе биде работа со полно работно време, а воедно и најдобрата работа која некогаш сум ја имала.

Требаше да ме предупредат дека всушност ќе си ги средам ноктите, но дека ќе седам на столот за педикир и компулсивно ќе му пишувам СМС порака на сопругот, бидејќи неизмерно ќе ми недостигаат. Дека додека сум таму ќе земам старо списание и ќе видам како моја солза паѓа врз содржината. Толку од релаксирањето, ах тие постпородилни педикири!

Требаше да ме предупредат дека мајчинството ќе промени буквално сè, но дека никогаш нема да посакам да се вратам назад и да ја посетам старата „јас“, ниту за секунда.

Требаше да ме предупредат дека животот ќе ми стане толку многу богат, убав и исполнет, што ќе погледнам наназад на животот кој претходно сум го имала и ќе помислам: „Кутрата јас. Тогаш сè уште не ја познавав неа.“

Џени со ќерка си

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11042 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.