Над 2.000 минијатурни куќички, автомобили, возови, па дури и пловна река со бродови го сочинуваат Пеперкакебиен, минијатурната реплика на градот Берген во Норвешка, којашто е изградена од колачи со ѓумбир.
Градот се гради одново секоја зима, а оваа традиција трае од 1991 година. Секоја година околу Божиќ, над 100.000 посетители од целиот свет доаѓаат да ја посетат норвешката туристичка атракција. Бајковитото гратче е производ на вредните раце на деца од многу училишта и градинки во градот.






Парите коишто се собираат од продадените влезници, секоја година традиционално се донираат во фондации за помош и поддршка на деца и во СОС Детските села. При посетата на симпатичната реплика на Берген, посетителите имаат можност и да купуваат колачи, да ја разгледаат темелно слатката макета на Берген и да се фотографираат со ракотворбите на децата архитекти.

















