Современото општество и медиумите често наметнуваат нереални стандарди за убавина, што особено влијае врз младите. Сè повеќе млади девојчиња – дури и на возраст од 6 години – изразуваат незадоволство од сопствениот изглед. Оваа опсесија со телесниот изглед може да доведе до сериозни нарушувања во исхраната.

Најчести нарушувања во исхраната:
- Анорексија нервоза – свесно и опасно ограничување на храната, со цел губење на тежина.
- Булимија нервоза – повторувачки циклуси на прејадување, проследени со повраќање или употреба на лаксативи.
Овие нарушувања најчесто се јавуваат меѓу 14 и 20 години, а честопати се поврзани со професии кои бараат одржување „совршен“ изглед, како што се манекенство, балет, гимнастика и пливање. Атлетската анорексија е чест случај кај спортистки кои го намалуваат внесот на храна под влијание на притисоци од тренерите и општеството. Девојките кои се занимаваат со манекенство пред значајни ревии пијат само вода и јадат памук бидејќи тој е чиста целулоза и не е хранлива материја туку само поминува низ стомакот, намалувајќи ја гладта.

Физички и психички последици
Нарушувањата во исхраната влијаат на целиот организам:
Анорексија нервоза:
- Драстично губење на тежина (BMI<17.5)
- Прекинување на менструалниот циклус
- Сува, жолтеникава кожа
- Остеопороза (губење на коскена маса)
- Намален сексуален нагон и чувствителност на студ
Булимија нервоза:
- Ерозија на забите
- Потечени жлезди
- Електролитен дисбаланс и дехидрација
- Гастроинтестинални проблеми
- Рани и иритации на усната шуплина
Рана интервенција е клучна: Брзото препознавање и дијагноза овозможуваат поефикасно лекување и превенција на долгорочни последици. Лекувањето е мултидисциплинарен процес и вклучува:
- Медицинска стабилизација
- Нутритивна поддршка
- Психолошка терапија
- Контрола на телесната тежина на здрав начин на исхрана
Во тешките случаи се препорачува хоспитализација, а доколку пациентот одбива терапија и неговото здравје е сериозно загрозено, можно е и присилно лекување.

Нутритивна поддршка кај нарушувања во исхранатa
Излезот од порочниот круг на изгладнување, депресија, анксиозност и телесна слабост е можен – но бара стручна поддршка и индивидуално прилагоден нутритивен план. Исхраната кај лица со анорексија или булимија мора да биде внимателно испланирана и следена од лекар и нутриционист.
Цели на нутритивната терапија:
- Враќање на телесната тежина во граници на нормална телесна тежина
- Воспоставување на редовни, балансирани оброци
- Корекција на нутритивни дефицити (електролити, витамини, минерали)
- Намалување на анксиозноста поврзана со храната
- Обнова на хормоналната и гастроинтестиналната функција
Зошто е важна правилната исхрана?
Кај лица со нарушувања во исхраната, телото страда од сериозен недостаток на енергија и хранливи материи. Поради тоа може да се јават гастроинтестинални проблеми (опстипација, рефлукс, болки), нарушен метаболизам, оштетени органи, хормонален дисбаланс и ослабен имунитет.
Што значи нутритивен успех?
Нормализирање на телесната тежина не значи само бројка на вага. Таа води кон:
- Нормализирање на хормоните (лептин, естроген, гонадотропини),
- Враќање на менструалниот циклус,
- Подобрување на менталната состојба и енергија.
Самолекувањето или импровизирани режими на исхрана може да предизвикаат дополнителна штета. Од таа причина потребен е индивидуализиран нутритивен план под супервизија на стручно лице – нутриционист, и мултидисциплинарен тим од специјалисти доктори поткрепено со психолошка или психијатриска поддршка зависно од индивидуалната состојба на пациентот.
Доколку ви е потребна консултација, ви стои на располагање стручен тим во клиничката болница „Жан Митрев“


М-р Татјана Павлова
Нутриционист
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје