Од следното полугодие, основците во Хрватска повеќе нема да смеат да користат мобилни телефони на училиште, дури ни за време на одморите.
Одлуката, која Министерството за образование ја нарекува „револуционерна промена“ во училиштата, веќе вроди со позитивни резултати во Загреб – повеќе дружење, подобра концентрација кај учениците и помалку случаи на дигитално насилство.
Според најавите на советничката во Министерството за образование, Ивана Павиќ Шиметин, измените на Правилникот се во завршна фаза и ќе бидат спроведени во рок од еден до два месеца. Новите правила предвидуваат целосна забрана за користење мобилни телефони во основните училишта, освен во исклучителни случаи – за едукативни цели или поради здравствени потреби.
„Во моментот школите се единствено место каде децата не смеат да користат телефони за време на наставата, но со новиот Правилник, забраната ќе се прошири и за време на одморите“ – изјави Шиметин на округла маса на тема: „Дали мобилните телефони и социјалните мрежи им го крадат детството на нашите деца?“.
Со ова Хрватска им се придружи на Франција, Австрија, Италија, Грција и други напредни европски земји кои застануваат против детската зависност. Голем број земји веќе размислуваат за забрана на користење социјални мрежи за деца под 13 или 16 години.
Сепак, голем број експерти сметаат дека забраните на училиште не се доволни дека задача на возрасните е „да им покажат на децата дека технологијата може да биде средство за учење, креативност и поврзување, а не замена за реалниот живот“.
