Почетна » Диети и фитнес » Фитнес » Зацврстувајте го телото додека гледате телевизија

Зацврстувајте го телото додека гледате телевизија

Кој не сака да гледа телевизија? Сите имаме барем едно шоу или една серија што нè држи пред телевизискиот екран. Но, гледањето телевизија не мора да е штетна навика која дебелее, како што редовно слушаме. Можете на едноставен начин да го искористите времето поминато пред телевизор за да го обликувате своето тело.

Жена што вежбаВежбањето додека гледате телевизија може да ви помогне да имате тело какво што посакувате

Наместо пасивно да зјапате во екранот или за време на рекламите да одите до кујната по повеќе грицки, бидете „активен“ гледач и вежбајте.

Вежби додека активно гледате ТВ

  1. Зацврстување на нозете со седење. Седнете на стол, ‘рбетот држете го исправен, а стапалата прилепете ги на подот. Подигнете ја десната нога од подот и стапалото кревајте го нагоре сè додека ногата не ви биде испружена во права линија. Висината на којашто ќе ви биде подигната ногата треба да е иста како и висината на седиштето на столот. Задржете ја ногата во таа положба 2-3 секунди, а потоа спуштете ја. Направете 15 повторувања со левата, па 15 со десната нога. Започнете со 2 серии.
  2. Заменете го каучот со пилатес топка. Седењето на пилатес топка се препорачува од многу доктори. Тоа помага за подобрување на положбата на телото и ги зацврстува мускулите во областа на стомакот, бидејќи треба постојано да држите рамнотежа. Седнете да ја гледате својата омилена серија на пилатес топка. Додека гледате занесени во телевизорот, нема ни да почувствувате дека го зацврстувате телото само со седење.
  3. Вежби со стапалата. Додека лежите, не мора да бидете неактивни. Петиците држете ги цврсто на каучот, а прстите на нозете подигнете ги нагоре (колку што можете повеќе). Задржете ги прстите во таа положба 5 секунди, а потоа спуштете ги колку што можете поблиску кон каучот. За почеток, повторете ја оваа лесна вежба 30 пати.
  4. Станувања од стол. Седнете на работ на стол. Стапалата треба да ви се прилепени за подот и на исто растојание како рамената. Без да ги употребувате рацете, притиснете со стапалата на подот и станувајте додека ги стегате мускулите на задникот. ‘Рбетот треба да ви биде прав. Потоа, полека спуштајте се и пред да го допрете столот, повторно станете. Започнете со 20 повторувања.
  5. Ножици на кауч. Легнете на грб, рацете спуштете ги покрај телото, со дланките прилепени на каучот, а нозете подигнете ги 15-20 сантиметри. Раширете ги малку нозете, а потоа додека ги приближувате, левата однесете ја над десната и прекрстете ги. Повторно раширете ги и пак прекрстете ги, но овој пат десната однесете ја над левата. Започнете со 20-25 повторувања.
  6. Странични стомачни вежби на кауч. Легнете на левата страна, така што ќе ги држите нозете споени и колената свиткани. Десната дланка поставете ја зад главата, при што лакотот треба да ви биде насочен кон таванот. Со левата рака префатете си ја половината. Потоа, подигнете го десното рамо од каучот и горниот дел од телото придвижете го кон колковите. Задржете се 1-2 секунди и спуштете го рамото повторно на каучот. Направете 12 повторувања, а потоа свртете се на другата страна. Многу е важно каучот да биде тврд. Ако каучот е мек, тогаш правете ја оваа вежба на подот.
  7. Марширање во место. Додека гледате ТВ, марширајте во место. Една епизода од ТВ серија трае во просек 40-45 минути. Ако секој ден марширате во место додека ја гледате омилената серија, за кратко време ќе имате доволно кондиција за да џогирате во место за време на целата епизода.

Вежби додека траат рекламите

  1. Склекови на кауч. Клекнете на колена пред каучот така што колената да ви бидат на половина метар од него. Потпрете се со дланките на работ на каучот (на иста ширина како рамената), а стапалата подигнете ги од подот и прекрстете ги кај глуждовите. Бавно спуштајте го горниот дел од телото кон каучот додека градите не го допрат работ, а потоа започнете да се подигате нагоре. Започнете со 15 склека. Како што ќе станувате посилни, зголемувајте ја бројката.
  2. Скокање на јаже. Оставете го јажето за скокање до вашиот кауч. За време на рекламите, станете и започнете да скокате. Обидете се да добиете доволно кондиција за да можете да издржите да скокате за време на целиот блок реклами.
  3. Скокови налево-надесно. Почетокот на рекламите нека ви биде сигнал дека треба да станете од кревет. Ставете ги рацете на колкови и започнете да скокате налево-надесно. Скокајте колку што можете подолго.
  4. Стомачни, стомачни, стомачни. Легнете на грб, свиткајте ги колената, а рацете прекрстете ги и поставете ги на градите. Започнете да правите кратки стомачни вежби. Секој втор или трет ден зголемувајте го бројот на повторувања кои ги правите за време на рекламите.
  5. Клоцање и боксирање. Додека течат рекламите, станете и започнете да удирате во воздух со рацете. Потоа, внимателно започнете да клоцате со нозете. На овој начин ќе извадите и многу стрес од себе.

Дополнителни совети

  • Ако имате справа за вежбање, поставете ја пред телевизор. Стационарниот велосипед или степерот најмногу ќе ви помогнат ако се пред ТВ. Вежбањето на нив може да стане досадно и поради тоа да се откажувате пребрзо. Но, гледајќи нешто интересно, нема ни да забележите кога поминале 40 минути.
  • Вежбањето нека ви е како натпревар. Натпреварувајте се сами со себе или со некој од вашето семејство. Со секое вежбање обидете се да го надминете бројот на вежби од претходниот ден. Ако некој друг од семејството сака да ви се придружи, додека траат рекламите направете мини натпревар за да видите кој може да направи повеќе стомачни, скокови во место, скокови на јаже и сл.
  • Најдете добар музички канал и танцувајте. Обожавате да слушате музика? Најдете добар музички канал и започнете да танцувате. Не треба тоа да изгледа фенси и координирано. Сепак, не сте пред публика. Танцувајте за ваша душа.
  • Не ги заборавајте вежбите на Кегел. Можете да ги правите Кегеловите вежби насекаде и во секое време, без никој да дознае за тоа.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9489 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.