Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни трендови – есен/зима 2013-2014

Модни трендови – есен/зима 2013-2014

Новата модна приказна е динамична, се навраќа во минатото, раскажува за бунтовноста на панкот и гранџот, го истакнува класичниот кариран дезен, ја задржува романтиката преку драматични цветни принтови и розови нијанси, ги величи палтата, ѕирка во машкиот плакар, ја интензивира црно-белата игра и предлага луксузно доживување преку богати текстури.

Време е да започнете да фантазирате за потопли модни комбинации. Ве копка да дознаете што ќе биде актуелно на модната сцена во студените месеци? Фрлете поглед на највпечатливите трендови за сезоната есен/зима 2013.

Модни бунтовнички (нов гранџ + модерен панк)

Модни бунтовнички

Носталгијата по духот на 90-тите ги поттикна дизајнерите да го вратат на сцената гранџ стилот, но со нова помодерна естетика. Безгрижност, комфор, слоевитост и доза бунтовност, ќе постигнете со маици со натписи, искинати и избледени фармерки, карирани кошули (врзани на колковите) или карирани здолништа, плетени капчиња, кожени јакни, модни додатоци со нитни или безопасни, чизми со „машки“ изглед или декорирани со токи или метални боцки.

Изложбата „PUNK: Chaos to Couture“ во музејот на уметноста „Метрополитен“ во Њујорк го оживеа панк влијанието на модната сцена. Сепак, експертите советуваат дека новиот панк изглед треба да биде поженствен и суптилно сексапилен.

Карирана инспирација

Карирана инспирација

Најзабележителниот принт кој отскокнува над другите е карираниот. Карираниот дезен во повеќе варијации се среќава на палта, здолништа, кошули и модни додатоци, како дел од новиот бран на бунтовничка мода.

Црно-бел графички принт

Црно-бел графички принт

Динамични црно-бели принтови со хипнотизирачки ефект ги претворија и наједноставните креации во визуелен спектакл. Графичките принтови несомнено продолжуваат да владеат на модната сцена. Магнетски привлекува принтот „houndstooth“ („кучешки заби“ или „гускини стапала“), кој е идеален за позрел и деловен изглед.

Мрачна цветна романса

Мрачна цветна романса

Цвеќињата продолжуваат да виреат на облеката, само што расцветените букети стануваат помрачни и подраматични. Се чини дека цветниот принт не губи од својата моќ во светот на модата, независно од сезоната.

Кожа, кожа, кожа

Кожа, кожа, кожа

Кожата не е неочекуван актер во модниот филм кој ги диктира новите трендови. Всушност, невозможно е да се помине студена сезона без видлива доминација на кожата. Моторџиската јакна без сомневање е најбезбедниот начин да го „украдете“ овој тренд, но за посмелите тука се кожените фустани, здолништа и блузи. Креациите со кожени панели се идеален избор за силен впечаток.

Крзнен и кадифен луксуз

Крзнен и кадифен луксуз

Елеганцијата и екстравагантноста потенцирајте ги со крзнени детали. Крзнените јаки, шалови и ракавици, како и палтата со крзнени детали додаваат луксуз во дамскиот изглед. Доколку не сте обожавателки на впечатливото крзно, одлична алтернатива е кадифето. Романтичната и богата текстура на кадифето говори за нежност и софистицираност.

50 нијанси на розово

50 нијанси на розово

Студените месеци не минуваат без црната и сивата боја, како и земјените нијанси, но секогаш се истакнува една пожива боја која ги разведрува тмурните денови. Неочекувано, розовата стана моќна боја на новата сезона. Најразлични нијанси на розова шармираа на модните писти, но ако треба да се издвојат две, тоа дефинитивно се зачадена светла розова и циклама.

Акцент на палтата

Акцент на палтата

Дизајнерите се опседнати со креирањето на палта, па модните писти никогаш не виделе толку силен бран од палта со различни силуети, бои и текстури. Најприсутни во актуелните колекции се XXL палта со заоблени раменици и силуета на кожурец, но најверојатно ќе бидат прифатени само од најхрабрите модни зависнички, бидејќи не придонесуваат за истакнување на женската фигура. Од друга страна се структурираните палта кои најчесто доаѓаат со колан за потенцирање на тенката половина, но не се ретки и палтата со машки крој.

Палтата во силни бои (жолта, црвена, кралска сина) се идеални за незаборавен модерен изглед, но многу модни експерти се убедени дека розовите палта треба да имаат предност при изборот.

„Хибрид“ е зборот кој оваа сезона се споменува заедно со палтата и мантилите. Станува збор за палта и мантили со кожени ракави.

Војнички марш

Војнички марш

Војничката инспирација смело маршираше кон дизајнерската фантазија, а сега стигна и до улиците. Шарата, но и боите од војничките униформи, како и палтата во милитаристички стил, повторно бестрашно навлегуваат во уличната мода.

Позајмени од машкиот плакар

Позајмени од машкиот плакар

Дизајнерите танцуваат на границата меѓу мажественоста и женственоста, спојувајќи типично машки и типично женски модни елементи. Палтата и костумите со машки крој се типичен доказ за популарната креаторска игра. Тенките линии карактеристични за класичните машки костуми сега си пронаоѓаат место во женскиот гардеробер.

Зимска белина

Зимска белина

Дождливите и снежни денови не се баш идеални за бела облека, но токму поради тоа белиот изглед делува интригантно и привлечно. Не беше реткост на пистите да се видат манекенки облечени во бело од глава до пети, а не згасна популарноста ниту на црно-белите комбинации во „колор-блокинг“ стил.

Трендови кои заслужуваат да се споменат

  • Леопардски принт;
  • Ролки;
  • Смарагдно зелена боја;
  • Металик отсјај;
  • Кралска сина боја (тегет).

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9499 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.