Измина точно една година откако Анџелина Џоли поднесе документи за развод од Бред Пит по две години брачен живот. Холивудскиот пар беше во врска повеќе од една деценија.
42-годишната актерка и режисерка сними фотосесија за People и во интервјуто зборуваше за тешката година по разводот и за нејзините шест деца.
За реномираното списание, шармантната ѕвезда признала дека сега се чувствува посилна. „Имав мои подеми и падови. Претпоставувам дека сега сум малку посилна. Сите ние сме имале тешки периоди, но како мајка, секогаш си одговорна првенствено и најмногу за децата. Тие се сега во години кога се оформуваат и сè друго е помалку важно од тоа“ – изјавила Џоли.
Харизматичната актерка моментално активно го промовира филмот „First They Killed my Father“, за кој влезе во улога на режисерка. Таа најави и дека набрзо ќе започне да работи на вториот дел од „Maleficent“, но дека децата секогаш ќе ѝ бидат приоритет.
„Сè ќе се врти околу децата сега. Не работев речиси една година, бидејќи им бев потребна ним дома. Сè беше запрено. Седам и разговарам со нив, бидејќи сè влијае на нив. Секоја локација, секој проект, ќе треба да се прилагодам кон онолку колку што тие можат да прифатат“ – објаснила таа.
16-годишниот Медокс, 13-годишниот Пакс, 12-годишната Захара, 11-годишната Шајло и 9-годишните близнаци Вивиен и Нокс ја поддржаа мајка си на премиерата на нејзиниот најнов филм во Торонто.