Почетна » Убавина и мода » Мода » Њујоршката модна недела – колекции пролет/лето 2015

Њујоршката модна недела – колекции пролет/лето 2015

Модното лудило започна со њујоршките ревии за презентирање на колекциите пролет/лето 2015. Вртоглаво динамичниот еднонеделен настан им даде шанса на околу 200 докажани и амбициозни креатори да ја освојат публиката со рафиниран вкус и да извлечат само позитивни коментари од усните на искусните критичари.

Прошетајте со поглед низ највпечатливите колекции кои кренаа најмногу врева кај модната толпа.

Каролина Ерера

„Софистицирана господарка на уметноста“, вака може да се опише жената која Каролина Ерера си ја замислува за следната топла сезона. Драматични силуети со футуристички детали и цветни дезени ги хипнотизираа погледите на љубопитната публика на познатата креаторка. Магнолии, лалиња, гардении и рози го диктираа колоритниот дел на креациите. „Ова е некомплицирана колекција, многу едноставни линии и важни детали“ – рекла таа.

Фасцинантниот фустан, кој асоцираше на невешто склопен кинески порцелан, се врежа во мислите на мнозинството гостинки.

Carolina Herrera Carolina Herrera

Оскар де ла Рента

Романтичната ревија на Оскар де ла Рента со леснотија се вгнездува во женските срца. Минувајќи низ цветна врата од каранфили и хортензии, манекенките танцуваа на границите помеѓу префинет младешки и класичен дамски изглед.

Раскошните детали, богатата тантела, перфорираните цветови и умерената транспарентност ја надополнија формулата на 81-годишниот креатор за креирање на привлечна облека која жените ќе уживаат да ја носат, а која занемарува и не наметнува трендови.

Oscar de la Renta Oscar de la Renta

Ралф Лорен

Егзотично сафари. Ралф Лорен вешто го спои авантуристичкиот сафари стил со елегантни креации. Егзотични жолти, циклама и портокалови нијанси ја убиваа монотонијата на доминантната карамела и маслинесто зелена боја. Од една страна, шармираа сафари мантили и кошули и карго панталони, а од друга, пленеа асиметрични вечерни фустани и свилени блузи.

74-годишниот ветеран во модната индустрија не го запостави ни луксузниот момент кој публиката го очекува во неговите ревии, па изгледот на манекенките беше комплетиран со блескав накит.

Ralph Lauren Ralph Lauren

Мајкл Корс

Корс се наврати на летните денови во 50-тите години, избегнувајќи силни ретро вибрации. „Кога помислувате на оптимистичките 50-ти години, автоматски помислувате на Париз и високата мода. Но, нема да го најдете тоа кај Мајкл Корс. За мене тоа е најдоброто од американскиот оптимизам и фактот дека модата беше женствена, но истовремено и сирова и спортска“ – објаснил Корс.

Танчарката Агнес де Мил, фотографката Луиза Дал-Вулф и колумнистката и модна уредничка Дијана Вриланд биле изворот на инспирација на Корс.

Michael Kors Michael Kors

Џени Пекам

Сексапилната Мерилин Монро беше инспирација за новата колекција на Џени Пекам, дизајнерката која има многу свои креации во кралскиот плакар на војвотката Кетрин.

Вечерните фустани, проткаени со сјајни детали и цветни апликации, гравитираа околу стиловите типични за 50-тите и 60-тите години. Луксузните „палма“ декорации ја засилуваа динамиката во колекцијата, која има огромен потенцијал да разубавува бројни холивудски свечености.

Jenny Packham Jenny Packham

Викторија Бекам

„Ми се допаѓа идејата за еклектичка униформа“ – рекла Викторија, коментирајќи ја својата нова колекција. Издолжените силуети, со кои Бекам започна да експериментира минатата сезона, беа модифицирани и станаа пофлуидни благодарение на коланите. Колекцијата можеби ќе остане запаметена по палтата-фустани со миди должина.

За финалето Викторија изненади со цветен принт кој го опиша како „парфемот на колекцијата“.

Victoria Beckham Victoria Beckham

Версус Версаче

Провокативноста е во темелите на Версаче, но и на Антони Вакарело. Па, кога Донатела го покани Вакарело да ја дизајнира новата колекција за Версус Версаче, кристално јасно беше дека нема да изостанат кратките креации со високи шлицови и отсечоци.

Вакарело дури и нурна во архивите на италијанската модна куќа и ги врати на сцената фустаните со безопасни, а им даде посебно место на златните амблеми и грчките мотиви.

Versus Versace Versus Versace

Марк Џејкобс

Додека се упатува на ревија на Марк Џејкобс, секој гостин очекува незаборавно доживување кое синтетизира мода и театралност. Талентираниот дизајнер ја затвори модната недела со армија униформирани манекенки.

Публиката на Џејкобс потона во друг свет за на уникатен начин да го искуси шоуто. Присутните носеа слушалки кои ги одделија од реалноста и без пречки го следеа маршот на девојките. Војничкиот стил ја обои колекцијата во маслинесто зелени, тегет, сиви и кафеави нијанси, па креациите отскокнуваа од розовата Барби позадина.

Marc Jacobs Marc Jacobs

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11196 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.