Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на високата мода – колекции пролет/лето 2015

Париската недела на високата мода – колекции пролет/лето 2015

Раскош, екстравагантност, луксуз, гламур, театралност, романтика и грациозност зацаруваа во Париз, градот кој неодамна мина низ турбулентен период. На различни локации низ шармантната француска метропола беа одржани ревии на најугледните модни куќи, чии креативни директори покажаа дека дизајнерската фантазија не познава граници.

Презентирањето на колекциите висока мода пролет/лето 2015 привлече плејада модни критичари, џетсетери, блогери и стилисти. Прошетајте со поглед низ најновите рачно изработени креации кои излегоа од ателјеата на Џорџо Армани, Шанел, Џамбатиста Вали, Версаче, Кристијан Диор, Ели Сааб, Валентино, Жан Пол Готје и Зухаир Мурад.

Армани

Бамбус егзотика

Пренесувајќи порака за деликатност и цврстина, Џорџо Армани гравитираше околу една тема – егзотичниот бамбус. „За мене, бамбусот е како денешната жена. Бамбусот е силно дрво. Се витка грациозно кога дува ветер низ него. Флексибилно е, а неговите лисја создаваат прекрасен звук. Но, кога ветерот ќе стивне, тоа секогаш се враќа во првобитната положба, повторно се исправува“ – објаснил 80-годишниот моден ветеран.

Ниту една дама не би останала рамнодушна на префинетоста со која Армани ѝ даде стилска форма на природата низ призмата на културата.

Версаче Версаче

Шанел

Цветна рапсодија

Карл Лагерфелд креираше вештачка рајска градина и го распространи цветниот оптимизам низ целата колекција. Цели шест месеца биле градени механичките цвеќиња кои расцутија пред ококорената публика, со што го означија и стартот на ревијата.

Фустани и здолништа декорирани со цветни апликации со 3D ефект, класични Шанел костуми, екстравагантни шешири со тул, плетени капи и ниски чизми-чорапи танцуваа на грандиозната сцена исполнета со младешки дух и позитивност. Во новата визија на Карл, „стомакот е новото деколте“, па голем дел од креациите ги разголија папоците на манекенките.

Шанел Шанел

Џамбатиста Вали

Невозможен стилски разговор

Коко Шанел и Џенис Џоплин се хероините од новата стилска приказна на Џамбатиста Вали. Класичниот стил на Коко, кој мудро танцуваше помеѓу машкоста и женственоста и склоноста на Џоплин да носи коктел фустани над панталони го охрабрија Вали да скокне на нови модни територии. Иако стиловите на Џенис и Коко се тотално различни, славниот креатор вели дека тие имаат и заеднички допирни точки. „Коко и Џенис имаат слободен дух и ноншалантно однесување“ – објаснил тој.

Слоевитоста е типична за творештвото на Вали и вообичаено е застапена кај волуменозните фустани. Но, овој пат италијанскиот дизајнер ја претстави во ново издание, комбинирајќи фустани и здолништа со панталони.

Џанбатиста Вали Џанбатиста Вали

Версаче

Женските облини на пиедестал

Еднакви дози на провокативност и женственост зачинети со рокенрол шмек ја освојуваа модната тајфа на ревијата со која Версаче го означи стартот на Париската недела на високата мода. Донатела Версаче иницира истражување на женската фигура, односно на женските облини, па сите сексапилни отсечоци се карактеризираат со интересни свијоци, изработени со хируршка прецизност.

Модната куќа се дистанцираше од колоритни експерименти и се ослони на четири класични бои – црна, бела, црвена и кралска сина. Повеќето од креациите го прегрнуваат женското тело, но има и мали изненадувања кај силуетите – фустани со А-линија и елегантни ѕвонарки кои асоцираат на 70-тите години.

Версаче Версаче

Кристијан Диор

Неочекувано комбинирање

Изненадувачки комбинации на ткаенини, текстури и силуети, инспирирани од три последователни децении ја освоија публиката на Диор. Раф Симонс создаде привлечна фузија на романтизмот од 50-тите, експериментаторскиот дух од 60-тите и слободоумието од 70-тите години.

Низ колекцијата се протнуваше огромната почит која Симонс ја негува кон Дејвид Боуви (Зиги Стардаст). „Тој е камелеон“ – коментирал креативниот директор на престижната француска модна куќа за музичката легенда.

Кристијан Диор Кристијан Диор

Ели Сааб

Носталгија за Бејрут

Гламурозниот спектакл на Сааб беше како патување низ негов спомен за родниот град. „Прекрасен спомен за Бејрут често ме посетува во сон. Дарежлив и толерантен Бејрут, исполнет со љубов. И гламурозен. Прекрасен спомен кој никогаш не престанува да ме инспирира – тоа ја инспирираше оваа колекција. Колекцијата е во чест на градот кој го сакам. Мојот Бејрут“ – објаснил Сааб. Златната доба од 60-тите години, елеганцијата, храброста и грациозноста на бејрутската жена, обновувањето во 90-тите години, како и подемите и падовите на главниот град на Либан, стојат во темелите врз кои е градена колекција.

Нежните креации на ревијата блескаа исто како да беа прекриени со стотици ситни ѕвезди. Деликатните ткаенини, гламурозните кристали и мониста, екстравагантните пердуви и цветните апликации ја збогатија колекцијата со магнетски шарм.

Ели Сааб Ели Сааб

Валентино

Ода на љубовта

Поетска романтика и фолклорски шарм владееја на ревијата на модната куќа Валентино. Дизајнерите Марија Грација Киури и Пјер Паоло Пичоли ги проучуваа уметничките дела на Марк Шагал и поезијата од италијанската ренесанса, што резултираше со деликатни креации со интригантни везови.

Руското потекло на Шагал и неговата склоност сликовито да го прикажува фолклорот на својата татковина стојат зад динамичните апликации, принтови и везови главно во црвени и златни нијанси. Вториот дел од шоуто им беше посветен на нежни развеани фустани со поетски стихови, кои говорат за моќта на љубовта. „На одреден начин леташ кога си заљубен“ – рекла Киури, алудирајќи на леснотијата на фустаните со тул.

Валентино Валентино

Жан Пол Готје

Авангардна свадба

Откако минатата година Жан Пол Готје најави дека ќе ја фокусира својата креативна енергија единствено на високата мода, модниот свет со нетрпение чекаше да биде обелоденета неговата нова модна приказна. Францускиот креатор, познат по авангардните ревии и театралноста, покажа како изгледаат невестите во неговата фантазија.

Темата „свадба“ ја диктираше целата ревија на Готје. „Шеесет и еден начин да кажеш „Да““ – тоа бил коментарот на талентираниот моден ексцентрик.

Жан Пол Готје Жан Пол Готје

Зухаир Мурад

Блескава грациозност

Либанскиот дизајнер ја поведе публиката во волшебен свет на луксуз и блесок. Аристократски шарм изразен преку наметки и балски раскош, префинетост потенцирана преку рафинирани ткаенини кои би ги одушевиле и дамите со истенчен вкус и софистицираност претставена преку нежни пастелни нијанси се соединија во хармонична модна бајка.

Комплексните декоративни низи од кристали, бисери и мониста, деликатните апликации и цветните везови ги збогатуваа текстурите на креациите. Елегантните силуети варираа, но се задржаа во областа на класиката. Транспарентноста која дозволуваше суптилно да се ѕирне женското тело, V-изразот на деколтето или грбот и високите шлицови испраќаа сексапилни вибрации.

Зухаир Мурад Зухаир Мурад

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11026 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.